Градоначалникот Никола Бакрачески, синоќа во ресторанот “Језеро“на Ада Циганлија во Белград ,се обрати на традиционалната Охридска вечер што Општина Охрид ја организира во рамки на годинешниот туристички саем кој од 19-ти до 22 –ри февруари се одржува во соседна Србија. Пред претставниците од дипломатскиот кор, познати личности од политичкиот и јавниот живот во Србија, хотелиери, угостители и тур-оператори од повеќе земји, градоначалникот Бакрачески ги презентира белезите на Охрид поради кој тој станал познат туристички бренд и секогаш привлечно туристичко место за гостите и посетителите од цел Свет.
– Оние кои дошле еднаш , повторно се враќаат во Охрид. Не знам дали причината за тоа е невидливиот линк на пријателство кој зрачи од секој камен од охридските сокаци или тоа е духовноста која извира од прастарите монументални објекти ,но јас знам дека пријателите секогаш се добредојдени во Охрид. И тие кај нас се враќаат со години и генерации на назад. Токму затоа , како што велат нашите охриѓани , кој еднаш се напил вода од Бијанините извори, тоа повторно ќе го направи друг пат и во друго време. Ете затоа мои српски пријатели, Охрид не е само туристичка дестинација која треба да ја посетите, туку тоа е град кој освојува со својата едноставност и во исто време го отвора своето срце за секој добронамерник. Таква е нашата Балканска емотивност, која секој не може да ја разбере. Но најважно е, што ние добро се разбираме и што успеавме и покрај сите проблеми кои ги имавме на овие простори да останеме добри пријатели, потенцира Бакрачески
На 37- от туристички саем во Белград, покрај претставници од општина Охрид, учествуваа и околу четириесетина претставници од туристичкиот бизнис сектор. Белградскиот саем за туризам е најголемата туристичка манифестација во Југоисточна Европа, чие постоење ги исполнува светските стандарди во деловниот бизнис, градејќи партнерски односи со излагачите, а со квалитетната понуда и разновидните настани во рамки на манифестацијата секоја година привлекува се повеќе посетители.
Оваа година на саемот се претставуваат рекордни 1.031 излагачи, од кои 291 странски од 53 држави од целиот Свет.
По саемот во Белград, како атрактивна туристичка дестинација Охрид веројатно ќе се промовира и во Сараево, Љубљана, Осло, Европскиот парламент , Тел Авив, Москва и во некои други градови. Целта на ваквите настани е покрај Охрид, да се презентираат и можностите на поширокиот регион, со што ќе се збогати туристичката понуда. Покрај учеството на големи саеми, треба да се наоѓаат и други форми за презентацијата, како што се средби со тур-оператори, новинари и други чинители од земји кои се потенцијални подрачја за развој на туризмот.