МЕСТАТА КАДЕ СЕ СОБИРААТ НАРКОЗАВИСНИЦИ ЌЕ БИДАТ ПОД ЗАСИЛЕН МОНИТОРИНГ

Местата каде што се собираат наркозависници и на кои има препродажба на дрога и други недозволени опојни супстанци се лоцирани и со заедничка координирана акција на повеќе субјекти, ќе бидат под засилен мониторинг и превентивно ќе се делува на отстранување на оваа потенцијална опасност за младите луѓе. Ова е беше еден од заклучоците од денешниот состанок на претставници на секторите за образование, комунални дејности при Локалната самоуправа , одделот за превенција при  СВР, урбаните заедници  и дел од невладите организаци.

Критични места  каде се собираат наркозависници и препродавачи на опијати, како што беше речено на средбата, се простори во близина на стариот отпад, објектот на стариот авто-сервис на  улицата „ Кленоец“ , поранешниот  „ Тафтинг“  кај чинарот во Горна влашка маала, карабината  до управната зграда на Општата болница и поранешниот објект на МРТВ зад „ скалестата зграда“ . Имајќи ги во вид локациите , учесниците на состанокот се согласија да се преземат соодветни превентивни  но и оперативни мерки со кои би се растуриле овие собиралишта.
Секторот за внатрешни работи , договорено е да да врши зачестени контроли, невладиниот сектор да ја анимира пошироката јавност , а локалната самоуправа  во рамки на своите ингеренции да обезбеди  осветлување на локациите и засилено присуство на инспекциските служби.

Претставниците на урбаните заедници сугерираа дека  треба да се најде начин за  дислокација на неколку објекти како што се оние во близината на чинарот во Горна влашка мала, МРТВ , руинарите објекти до ОУ „ Св. Климент Охридски “ во населбата „ Далјан“ и неколку други.
На средбата беше договорено  за кусо време да се организираат состаноци со сопствениците на напуштените објекти и со граѓаните кои живеат во нивна близина, со што се овозможува тие собирањата да се пријават во полицијата и другите надлежни органи.