ДЕЛЕГАЦИЈА НА ОПШТИНА ОХРИД ВО ПОСЕТА НА НЕКОЛКУ ГРАДОВИ ВО РУСИЈА

Делегација на општина Охрид, составена од  заменик градоначалникот Ангел Јанев,  советникот Јован Стојаноски и Горан Устијаноски, капетан од Охридската капетанија ги посети градовите Твер, Подолск  и Москва  во  Русија.

При посетата на Твер, каде свечено беше одбележана 880 годишнината од основањето на градот, охридскста делегација се сретна со градоначалникот Корозин Александар Борисович, на која се разговараше за унапредување на меѓусебната соработка. Посебно беше потенцирано дека има можности за поблиски врски меѓу охридскиот Факултет за туризам и угостителство и Тверскиот универзитет, со размена на студенти и професори, како и реализирање на  заеднички проекти. Во рамките на посетата се остварија и неколку корисни средби со претставници на градовите побратими на Твер, како и со регионални тур- операори и  општинските раководства задолжени за туризам и економија.

>На покана од градоначалникот на Подолск, Пестов Николај Игоревич,делегацијата од Охрид оствари многу корисни средби и разговори со раководители на секторите за  туризам, економски развој, образование и култура. Од управата на Подолск, за следната година во месец април, поканија 10 до 20 млади уметници од Охрид на неколкудневен бесплатен престој во овој град.

Домаќините организираа  презентација и промоција на Охрид во музејот во Подолск. На  презентацијата учествуваа домашни стопанственици, туриститички агенции и неколку раководители на сектори поврзани со туризмот и образованието. На двочасовната презентација покрај видео проекцијата на филмот „Духот на Охрид“ , присутните  беа информирани за субвенциите на Владата на Република Македонија  за  тур-операторите кои носат странски туристи и за можноста за воведување на ефтини авионски линии.

Во Москва, охридската делегација се сретна со државниот секретар и заменик гувернер на Народната банка на Русија Александар Торшин, инвеститорот  Василиј Шпилкин и Михаил Алексеев, сопственик на приватна авио компанија. Домаќините сугерираа, Република Македонија и Охрид да ја зајакнат  промоцијата на големиот руски пазар, со што би се овозможило раздвижување на стопанските активности и би се зголемил бројот на туристите од оваа земја.