Општина Охрид ги додели наградите и признанијата за најуспешните спортисти во индивидуален и во клубски спорт за 2023 година во рамки на манифестацијата „Најдобрите од спортот во Општина Охрид“ која се одржува трета година по ред. На пригодната свеченост која се одржа вечерва во Големата сала на Општина Охрид пред присутните се обрати градоначалникот, Кирил Пецаков.
– Знам какво е чувството кога со аплаузи и навивање те наградуваат за успехот, кога го слават и го вреднуваат твојот спортски труд. Тоа е чувство на неизмерна радост што не може да се опише со зборови. Адреналинот и возбудата кои ги носи победата се непроценливи моменти за секој спортист.
Тогаш времето како да застанува, а сите напори и направени жртви стануваат значајни. Тоа чувство е повеќе од медал или материјално признание – тоа е триумф на истрајноста и нешто што ни дава мотив да се бориме за соништата и да ги оствараме сите амбиции.
Спортските успеси го воведуваат спортистот во едно ново ниво на самодоверба, поттикнувајќи го неговиот дух и волја за уште поголеми постигнувања.
Навистина ми е драго што оваа вечер ја посветуваме на сите спортисти кои се гордост за Охрид и кои го даваат најдоброто од себе на спортските терени и на спортските натпревари. Овие спортисти и спортски работници кои ќе ги наградиме вечерва се пример за упорност и посветеност и се вистински двигатели на спортските стандарди во нашиот град.
На мое големо задоволство, изминатата 2023 година имавме можост да славиме за бројни поединечни и тимски успеси, за кои упатувам искрени честитки до спортистите. Упатувам и голема благодарност до тренерите, клубовите и секако до родителите, кои даваат несебичен придонес и силна поддршка, без кои овие спортски достигнувања немаше да бидат возможни.
Општина Охрид има вградена посветеност кон развојот на спортот, континуирано ги помага спортските клубови и дава покровителство на спортските натпревари и манифестации. Исто така, преку различни мерки, активности и иницијативи, општината го стимулира напредокот на младите спортски таленти.
Токму затоа и оваа година преку програмата за спорт ќе инвестираме околу 54 милиони денари, кои се надевам дека ќе вродат со плод и дека наредната година ќе може заедно да прославиме уште поголеми спортски достигнувања.
Драги спортисти,
Секој нов тренинг е шанса да напреднеш, секој нов натпревар е прилика да се докажеш. Спортскиот успех не се мери според победите, туку според тоа колку се подобруваш после секој пораз.
Еден од најуспешните тенисери на сите времиња Новак Ѓоковиќ рекол „Победник е оној кој повеќе верува во победата“. Затоа ви посакувам да верувате во себе и во своите способности и секогаш да ве води мислата дека не постојат невозможни и недостижни цели.
Ви благодарам на вниманието и уште еднаш упатувам срдечни честитки до сите добитници на овогодинешните спортски признанија, истакна Пецаков во своето обраќање.
Поради значајните успеси на меѓународни натпревари во таеквон-до, за спортист на годината беше прогласена Христијана Парулеска од Таеквон-до клубот„Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, Охрид.
За Охридска спортска надеж во инивидуален спорт, во машка категорија, признание му беше доделено на атлетичатот Александар Камнароски од атлетскиот ллуб „Охрид ТрчаТ“. За Охридска спортска надеж во индивидуален спорт, во женска категорија беше прогласена Елена Јанеска од таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“, Лескоец. За Охридска спортска надеж во колективен спорт во женска категорија беше прогласена кошаркарската Сара Ѓорѓиеска од Градскиот кошаркарски клуб „Охрид“.
За тренер на годината беше прогласен Марјанчо Лазаревски од Таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец. Овој клуб беше прогласен за најдобар и во категоријата Спортска екипа на годината.
За Спортист странец кој настапува во екипа од Охрид, признание му беше доделено на Гал Цирар од Градскиот ракометен клуб „Охрид“ .
За најдобра спортистка од Охрид која настапува во клуб надвор од територијата на Општина Охрид, беше прогласена Јована Котушеска од Шаховскиот клуб „Алкалоид“ – Скопје.
За Охридска спортска легенда -за посебни заслуги во спортот постхумно беше прогласен професорот Миодраг Миле Христовски.
За афирмација и промоција на водените спортови признанија добија Кајак кану клубот „Стрмец“ и Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“.