ФИНАЛЕ НА “БОКСЕРСКИ ОПЕН БАЛКАН КУП” И МЕМОРИЈАЛЕН БОКСЕРСКИ ТУРНИР “АЛЕКСО ОГНЕНОСКИ”

На боксерски ринг поставен на отворено во близина на кејот на Охридското Езеро, вчеравечер во Охрид се одржа Финалето на Опен балкан купот во бокс и Меморијалниот боксерски турнир „Алексо Огненовски“.

Организатор на овој спортски настан е охридскиот Боксерски клуб „Алексо Огненовски“ со поддршка на Боксерскиот сојуз на Србија и Општина Охрид.

На свеченото отворање на натпреварот свое обраќање имаше градоначалникот, Кирил Пецаков.

-По вторпат присуствуваме на спортскиот настан, посветен на големиот спортски учител и педагог, родоначалникот на боксот во Охрид, незаборавниот Алексо Огненовски. Племенитата вештина во Охрид, ја донесе човекот кој беше и племенита и благородна душа. Нема охриѓанец, кој што барем малку се бавел со било кој спорт, а да не го знае името на “Алексо боксерот“, како што беше познат меѓу охриѓани, легендарниот спортски работник Алексо Огненовски.
Упатувам искрени честитки до БК кој го носи неговото име, за вложениот напор за организација на ваков ревијален меѓународен натпревар, кој претставува уште една значајна манифестација во севкупната понуда на Охрид, рече градоначалникот Пецаков и упати покана до сите гости и учесници на настанот, да го искористат престојот во нашиот најголем туристички центар и да уживаат во природните и културните убавини.