ЗАПОЧНА ВЕЛИГДЕНСКИОТ САЕМ

Во организација на локалната самоуправа, ЈП „Градски пазар“ и Црвен крст  Охрид, денеска на плоштадот „ Крушевска република“ започна дводневниот  „ Велигденски саем“. Оваа манифестација има хуманитарен карактер и предвидено е со средствата од продажбата на изложените предмети и храна, да им се помогне на социјално загрозените семејства.

-Организирањето на  саемот кој има хуманитарен карактер е почеток на славењето на најголемиот христијански празник „ Велигден“ . На поставените штандови, околу 25 учесници  ќе продаваат ракотворби, слатки , украси, сувенири,  накит и други рачноизработени предмети. За тоа им изразуваме благодарност  на  општествено одговорните компании, занаетчиите и поединци, а особено на дечињата и учениците кои го разубавуваат овој настан, а воедно уште од мали нозе се учат да бидат хумани  и да им помагаат на луѓето во невоља- изјави градоначалникот Никола Бакрачески.

Велигденскиот саем, од година во година, како што рече директорот на ЈП „ Градски пазар“ Тони Коталески е се помасовен и по бројот на учесниците и по посетеноста. Тој изрази уверување тека овој тренд ќе продолжи и во иднина и ќе биде одличен почеток на Велигденските празнувања.

За веселата и празнична атмосфера, денеска  се погрижија ансамблот „Билјана Јуниор“ , КУД „Фолклористи“ од селото Лескоец, дечиња од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ и ученици од основните училишта „ Ванчо Николески“ и „ Христо Узунов“ .