Охрид се гради, во секој негов дел. Градоначалникот Никола Бакрачески денеска беше во неколкучасовна обиколка и увид на градежни активности на неколку локации во градов каде интензивно се работи.
Можам да го изразам своето задоволство од она што во моментов се работи. Се работи на многу места и во исто време се изведуваат голем број на проекти, нешто што навистина е нескромно да кажам дека е невидено во динамиката на развој на градот Охрид и според бројот на изведени проекти и активности коишто се одвиваат и според финансиската конструкција којашто е обезбедена за нив– оцени градоначалникот,Никола Бакрачески по направениот увид на терен.
Увидот започна во с. Рача месност Кромидишта каде во тек е изградбата и реконструкцијата на локалниот пат во должина од 900 метри од кои веќе се асфалтирани 200 метри.
Станува збор за доста стрмен и тешко пристапен пат за работа, но и покрај тоа работите течат во најдобар ред според роковите и очекувам за една недела целиот пат од Рача до Кромидишта да биде завршен комплетно, рече градоначалникот Бакрачески.
Проект е предвиден во годишната програма на Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици за асфалтирање улици и патишта низ руралните средини и се реализира со средства од Агенцијата за поддршка на руралниот развој при Владата на Р. Македонија. Вредноста на инвестицијата е 2. 855.696 денари.
Обиколката на градоначалникот Бакрачески продолжи на патеката од каналот Студенчишта до хотел Парк каде во тек се градежни активности за изградба на третата фаза од патеката. Увид беше направен и на работата на двете тениски и повеќенаменско игралиште , и затворениот пливачки базен при СРЦ„Билјанини Извори“, а се направи увид и на градежните активности кои се однесуваат на реконструкција и доградба на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид.