80 ГОДИНИ СЛОБОДЕН ОХРИД

По повод јубилејот, „80 години Слободен Охрид“, вчеравачер во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа свечена академија која беше пропратена со богата културно-уметничка програма и креативен сценски перформанс.

Пред бројните гости и граѓани свое обраќање имаше градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

– Неописливо е чувството на родољубие, чест и гордост што ми е доделена оваа голема привилегија да говорам пред вас за еден исклучително значаен јубилеј, со кој ја славиме слободата на нашиот Охрид и им оддаваме почит на сите херои, кои ги положија своите животи на браникот на татковината.

Охрид, градот на светлината, духовна и културна претсолнина на Македонскиот народ, пред осум децении е ослободен од фашистичкиот окупатор. Овој историски момент не е само воен чин – тоа е победа на духот, победа на народната храброст, решителност и неизмерна љубов кон родната земја.

Зад секој херој, зад секоја борба, стои голема жртва и непокорност. Со нивната силна решителност, борците на фронтот не барале почести и награди- тие барале правда, барале слобода и подобра иднина за Охрид и Македонија.

Почитувани,

Во овие мигови на чествување и прослава, многу е важно да потенцираме дека 7-ми Ноември не е само историски датум, тоа е нашиот аманет, да ги водиме новите поколенија по патот на слободата, правдата и солидарноста.

Искрено верувам дека херојските стремежи на нашите предци, ќе бидат наш силен мотив во денешната политичка и дипломатска борба, да го сочуваме достоинството на нашата татковина и се што е македонско.

Во текот на изминатите 80 години, бројни наши сограѓани, долга низа на охриѓани, вложиле своја енергија, знаење и труд во унапредувањето на Охрид. На овие простори, благодарение на големите дела, на неизмерната мудрост и културните достигнувања, создаден е град, кој денес е признат и ценет не само во Македонија, туку и во целиот свет.

Сите наши претходници оставиле значаен печат, а ние свесно и одлучно си поставуваме цел да продолжиме кон уште поголеми остварувања.

Драги пријатели,

За мене лично, празникот на градот и месецот ноември имаат важна симболика и лично ги поврзувам со моментот кога бев избран и назначен за градоначалник. Да се биде предводник на Охрид, да се работи за неговите интереси, да се чува неговото уникатно богатство, за мене е возвишено и бесценето уважување.

Воден од вистински идеали, горд сум што во текот на изминатите три години, оваа локална власт покажа дека со труд и со посветеност, може да се постигнат значајни резултати. По принципот на транспарентност и отчетност пред граѓаните, овие резултати се сублимирани и наскоро ќе бидат презентирани.

Почитувани

Еден од најголемите светски лидери, Томас Џеферсон рекол
„Заштитата на слободата е највисоката должност на секој народ“, па затоа посакувам овој мудар цитат да биде основна инспирација и мисла водилка во сите наши понатамошни чекори за обезбедување на посветла иднина.

Како што Охридското Езеро неуморно бранува низ милениумите, посакувам да продолжиме да брануваме со нашата сплотеност и заедно да испишеме нова историја за Охрид, која ќе биде позитивно вреднувана и пренесувана.

Нека ни е честит јубилејот на слободата! Нека им е вечна слава на хероите! Нека е вечен- слободен Охрид!, истакна Пецаков во своето обраќање.

Во рамки на свечената програма беше изведен перформанс во кој преку креативна сценска изведба беа прикажаа сите значајни периоди од историјата на Охрид. Исто така, беа прикажани важни личности и случувања, а беа споменати дел од бројните истакнати охриѓани, кои дале свој придонес за развојот и напредокот на Охрид на повеќе општествени полиња.

На крајот на свеченоста на сцената беа поканети дел од значајните личности кои се уште творат, работат и го промовираат нашиот Охрид. Во името на сите нив свое обраќање пред присутните имаше охридскиот поет Славе Ѓорго Димоски кој упати честитки за големиот празник на градот со желби за уште поголеми достигнувања, на кои ќе бидат горди идните генерации.

Историскиот осврт кој беше користен за мултимедијалната изведба го подготви м-р Михаил Патчев, а на сцената настапија околу 500 учесници од сите општински основни и средни училишта. Перформансот беше придружуван од членовите на Охридскиот градски оркестар под раководство на Љупчо Аслимоски, Охридскиот градски хор под диригентската палка на маестро Бурим Хидри и членовите на КУД „Ѓердан од бисери“. За видео проекцијата со историски материјали од Охрид се погрижи Даниел Наумоски, а воведниот дел од настанот започна со проекцијата „Охрид од високо“ на младата фотографка Нина Ангелоска.