Согласно програмата за развој на туризмот, донесениот Правилник и Kаталог за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема, Општина Охрид годинава постави 40 унифицирани табли на плоштадот Св. Климент Охридски и низ охридската чаршија.
Проектот започна минатата година со поставување на 74 информативни табли (Фирми) на потегот од Плоштадот по улицата „Цар Самоил“, црквата Св. Софија и улицата „Коста Абраш“.
За следната година е предвидено со проектот да се опфатат сите објекти во чаршијата на потегот до плоштадот Крушевска Република и кракот до пресекот на улицата „Туристичка“. Станува збор за околу 120 објекти ресторани и кафетерии, трговски и занаетчиски дуќани, со што ќе се заокружи овој дел од старото градско јадро. Понатаму ќе следува старата чаршија за која што исто така ќе биде избрано визуелно решение согласно Правилникот и Каталогот.
Каталог за стандардизирана урбана опрема содржи ТИПИЗИРАНИ и СТАНДАРДИЗИРАНИ модели на урбана опрема во повеќе варијанти (иако тие се во суштина од исти или слични материјали и исти нијанси, бои, конзоли, украси и сл).
Огласните табли (фирмите) за прв пат го содржат називот на Македонско кирилско писмо, а до него и англиска транскрипција на називот на латинско писмо.
Сите чекори на локалната власт во овој проект претходно беа дискутирани и усогласени со широката заедница на корисници на јавни трибини и меѓусебни консултации. Представниците, сопствениците и корисниците на деловните простори, дуќанџии, занаетчии, угостители, заеднички ги креираат идните чекори во заедничка координација со општинскиот проектен тим, па дури потоа се спроведуваа процедурите на набавка и поставување на опремата.
Проектот се спроведува со одобрение на УПРАВАТА ЗА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО. Проектот е во согласност со Стратегискиот план за рехабилитација на светското културно наследство на охридскиот регион и препораките на мониторинг и мисиите на центарот за светско културно наследство на УНЕСКО.