Заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев со претставници на локалната самоуправа во рамки на „Отворениот ден“ денеска го посети Здружението на лица со интелектуална попреченост – „ Зраци“ а по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Локалната самоуправа во континуитет ја дава несебичната поддршка и работи на подобрување на условите за непречено функционирање на овој дневен центар.
Изминатиов период, општината преку проект од УНДП, на два пати од по шест месеци овозможи работен ангажман на пет лица од различни профили неопходни за непречено функционирање на ова тело. Исто така, Локалната доби и финансиски средства од Австралиската амбасада во износ од 7.200 австралиски долари наменети за овој центар. Преку активностите на овој проект , општина Охрид во текот на шест месечен период , финансиски ги покри трошоците за стручните лица ангажирани во центарот. Дел од средствата беа наменети за збогатување на дневната програма за лицата со пречки во развојот со повеќе активности. Во тек е реализацијата на проектот на општина Охрид и Владата на Р. Македонија а кој се однесува на реконструкција и проширување на овој дневен центар.
По повод 3ти Декември- меѓународниот ден на лицата со попреченост денеска со почеток во 18 часот во ЦК „Григор Прличев“ во Охрид се одржa настанот насловен како „Инклузивна уметност“.
Организатор на случувањето е Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со интелектуална попреченост и нивните фамилии „Порака Нова “ од Струга во соработка со Здруженијата на слепи од Охрид и Струга, Здруженијата на глуви и наглуви лица од Охрид и Струга, Здружението „Добротољубие 2014„ при црквата Св. Ѓорѓија од Охрид, Дневниот центар „Зраци“ од Охрид, и посебните паралелки од ОУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид и ОУ „Браќа Миладиновци“ од Струга..