Во охридскиот Основен суд, како и во судовите во градовите низ земјава, денеска од 10: 30 до 12:30 часот откажани беа сите закажани судења.
Охридската судска администрација, денес се приклучи кон претходно најавениот штрајк со кој се бараат измени на Законот за судска служба што се применува од средината на февруари годинава, за кои одредби вработените во судската администрација сметаат дека се несоодветни, демотивирачки и ретроактивни.
Како што беше и претходно нагласено од страна на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) и Здружението на судска администрација, доколку надлежните не се произнесат по овој предупредувачки штрајк, ќе се преземат и други мерки. Тие, со измените што ги предлагаат, бараат јасно да се дефинира опфатот и статусот на судските службеници, да се преиспита системот на оценување, да се врати додатокот на плата за степен на кариера, промени во одредбата мобилност со која, како што велат, се вработуваат несоодветни кадри.