Преку проектот Културата расте со децата, Општина Охрид и оваа година подготвува богата културно-забавна програма посветена на најмладите охриѓанчиња (од 3 до 10 години) и најмладите гости кои летуваат во нашиот град.
Оваа година реализацијата на проектот ќе започне во месец април и е предвидено да заврши во месец ноември со одбележување на Неделата на детето.
Проектот е конципиран така што секој петок на различни локации низ градот (на отворен и затворен простор) ќе бидат прикажани едукативни театарски претстави, мјузикли, концерти од детски музички фестивали, работилници за личен развој, книжевни хепенинзи, саеми на литература за деца, прикажување на филмови наменети за деца и други едукативни содржини.
Преку ваквите креативни содржини ќе бидат упатени универзалните пораки не само за секое дете туку и за возрасните како што се: да ги сакаме и почитуваме другарчињата, да ги слушаме родителите, да се грижиме светот да стане убаво место за живеење, да се грижиме за чиста и здрава животна средина и да градиме здрави животни навики преку здрава исхрана.
Важно е да се напомене дека сите настани ќе бидат бесплатни за публиката.
Општина Охрид секој понеделник ќе ја најавува петочната детска содржина, местото и времето на одржување на настанот, а повеќе информации ќе може да добиете на следниот линк на социјалната мрежа Facebook.
