УТРЕВЕЧЕР ЗАПОЧНУВА ЧЕТВРТОТО ИЗДАНИЕ НА OHRID WINE FESTIVAL

Утревечер на платото пред хотел „Палас“ на кеј „Македонија“ ќе започне четвртото издание на Ohrid Wine Festival. Оваа манифестација годинава ќе понуди презентација на македонските винарии, богата музичка програма и неповтoрлива забава за охриѓани и туристите.

Официјаната програма на винскиот фестивал беше најавена денеска од страна на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

-Чест и задоволство ми е што денес имам можност да го најавам четвртото издание на Охридскиот вински фестивал – настан кој полека но сигурно станува попрепознатлив белег на нашата туристичка понуда.

Фестивалот и оваа година ќе понуди вистинско уживање на брегот на Охридското Езеро – со дегустација на најдобрите македонски вина, богата музичка програма и весела атмосфера, пред самиот старт на летната сезона во Охрид.

Би сакал посебно да нагласам дека и оваа година се погриживме музичката програма да биде исполнета исклучиво со настапи на македонски естрадни ѕвезди – кои ќе приредат незаборавна забава.

Утревечер, на отварањето на фестивалот на сцената ќе настапат DJ Gec, Backdoor band, Тамара и Brass brothers. Вториот фестивалски ден, петок е резервиран за „Куку Леле“, Дац и Александар, „Пауза за ракија“, DJ Nasti и Urban planet. Третиот фестивалски сабота за забавата ќе бидат задолжени „Ареа“ и Влатко Лозановски, „Kамелеон“ и DJ Jana.

Би сакал да упатам благодарност до Македонските винарии кои во континуитет ја препознаваат можноста за презентација на својот бренд и оваа година ги имаме во голем број.

Општина Охрид и понатаму ќе продолжи да ги поддржува ваквите настани, кои не само што ја збогатуваат забавната понуда за нашите гости, туку отвораат нови можности за промоција на домашните производи и за развој на туризмот како една од нашите клучни гранки.

Ве поканувам сите да бидете дел од фестивалот, да го споделиме заедничкото уживање и уште еднаш да покажеме зошто Охрид е синоним за традиција и гостопримство, истакна Пецаков.

Покровител на овој тридневен фестивал е Општина Охрид, а истиот е организиран од „Крафт Продукција“.