Во текот на наредната година планирана е реконструкција на шеталиштето на кејот Македонија во Охрид – предвидено во рамки на Развојната програма за уредување на градежно земјиште за 2016 година која денеска ја усвои Советот на општина Охрид. Во оваа програма се предвидени и средства за реконструкција на Пешачката патека која води од мостот кај каналот Студенчишта до Билјанини Извори.
“ -Општина Охрид со сопствени средства во рамки на Буџетот за 2016 година предвидува постапка за изградба на модерно уреден кеј во Охрид. Проектот за реконструкција на кејот е веќе изработен и деновиве се работи на геомеханички истражувања кои треба да бидат составен дел од овој проект. По добивањето на неопходните дозволи од соодветните надлежни институции ќе се пристапи кон одобренија за градба и на постапка за тендерирање, по што би се избрал изведувач и би се пристапило кон реализација на овој инфраструктурен проект. За реконструкција на патеката кај каналот Студенчишта веќе е избрана фирмата која што работи на идејното решение, кое треба да биде финализирано деновивe “ -рече Димитар Спасески, секретар на општина Охрид. Исто така, Тој најави дека во 2016 година со средства од Министерството за транспорт и врски се очекува да започне изградбата на пешачката патеката од Градското пристаниште до Канео и Лабино.