Во пресрет на новогодишните празници, учениците од Училишната заедница при ОУ „Братство Единство” и одговорните наставници организираа голема хуманитарна акција. Целта на акцијата беше да се обезбедат продукти за социјално загрозени семејства и новогодишни пакетчиња за ученици од ранлива категорија.
„ Длабоко сме свесни за фактот дека во нашето училиште учат голем број ученици чии семејства, за жал секојдневно се борат да преживеат и да ги задоволат основните егзистенцијални потреби. Резултатот од акцијата ги надмина сите наши очекувања, за што би сакала да им оддадам признание и должна благодарност на неколку фирми и медиуми кои несебично ја поддржаа нејзината реализација, и тоа: Компанијата „МАКПРОМЕТ” ОД Штип, АСП ПАК, Lounge bar „Mr.I”, маркети „Netto”-Струга, Цвеќара „Bella designe”, Продавница за ламинат „Шикле”, ТА „Ибегалис”, ТА „Елида турс”, Фризерско студио „Elitte” и локалните медиуми Ohridnews и Супер радио. Со нивните и донациите на вработените во училиштето, учениците и родителите, успеавме да направиме 30 пакети со храна и 110 новогодишни пакетчиња, а се обезбеди и парична помош за ученик од нашето училиште кој во моментов е на лекување. Среќни сме што покрај остварувањето на основната цел на акцијата, учениците ја разбраа големината на правењето добри дела, а добрите дела се гаранција за еден подобар и поправеден свет”- изјави Ивана Илиевска, одговорен наставник на Училишната заедница за паралелките на македонски наставен јазик и иницијатор на акцијата.
Инаку, од донациите во храна и пакетчиња, покрај на учениците од ОУ„Братство Единство”, подарени се 13 пакетчиња во Дневниот центар за лица со церебрална парализа „Добротољубие” и 15 новогодишни пакетчиња и пакет со храна за штитениците од Дневниот центар „Зраци”. Од училиштето ја поздравуваат успешноста со која Училишната заедница ја спроведе акцијата, изразувајќи надеж дека во иднина акцијата ќе стане своевидна традиција.