Заврши 10-то јубилејно издание на спортската манифестација „Охрид трчаТ„ со рекордни 2 700 учесници од 30 земји. Градоначалникот Кирил Пецаков заедно со Министерот за спорт, Борко Ристески ги додели медалите на најдобрите натпреварувачи.
Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски триумфираше на полумаратонот.Тој патеката од 21 километар ја мина за време од 1 час 10 минути и 46 секунди.
Втор на целта пристигна Игор Трипуновски, а трет беше Томаш Суњог од Унгарија.
Во женска конкуренција на полумаратонот најбрза беше Греса Бакрачи од Косово, втора пристигна Биљана Кираџиева од Србија а трета Благица Јованова од Македонија.
Во штафетната трка на 21 километар мажи триумфираа „Korruners & Atomic“, пред „Битолски бавни тркачи“ и Алексинац ранинг клуб. Кај жените триумфираше штафетата на МС Ран, пред „CaMino de Santiago Francés 2026 M+F“ и екипата „Трајчески“.
Кај мешаните штафети триумфираше „Битола трча“, втора пристигна штафетата „Тирунмису“ , а трета на целта стигна штафетата „АОК ЗЛАТОВРВ“.
Во тимска конкуренција мажи на 21 километар победи АК „Скопски маратон“, пред АКК „Ран клуб“ и „Ран Авеј“. Кај жените најдобар беше тимот на АК „Атомик“ , пред „Ран Авеј“ и АКК „Ран клуб“.
Во трката на 5 километри во машка конкуренција прв на целта пристигна Григоријан Никовски од АК Олимп, пред Роберто Димитриевски од АК Велес и Ванчо Бајам од АК Охрид трчаТ.
Во женска конкуренција на 5 километри победи Матеја Ефремовска од АК Скопски маратон , пред Невена Максимовиќ од АК Ран Авеј – Србија, а трета беше Емили Иваноска од АК Скопски маратон .
Тимски на 5 километри во машка конкуренција триумфираше штафетата „Ракометна школа Седмерец“ – Охрид , пред „Ретко е да си редок и ЛТХ Леарница . Во женска конкуренција победи екипата на „3 Disciplines“ , пред „Run Away“ и „Ретко е да си редок“ .





