Дваесет и седумгодишниот Димитар М. од Охрид е лицето чие безживотно тело рано изутринава беше пронајдено пред угостителски објект во самиот центар на Охрид.
Како што соопшти Секторот за внатешни работи од Охрид, Димитар М. го загубил животот во нарушувањето на јавниот ред и мир што синоќа се случило во кафе-барот „Табана” на улицата „Цар Самоил” во Охрид. Тој им подлегнал на повредите во Општата болница во Охрид, откако претходно бил физички нападнат од државјанин на Република Србија, кој на сега починатиот на плочникот од улицата пред влезот во кафулето му нанел повеќе удари со раце и нозе по главата и телото.
На нападот му претходела жестока вербална расправија меѓу две групи, во кои од една страна бил сега починатиот Димитар и уште други двајца негови пријатели, додека од другата страна бил српскиот државјанин од Краљево со уште двајца други негови пријатели. Оваа вербална расправија со меѓусебна турканица се случила внатре во кафе барот „Табана“. Тука понатамошниот тек на нарушувањето бил спречен од вработените во кафе барот.
Напуштајќи го кафе барот, сега починатиот бил повторно физички нападнат од српскиот државјанин, кој пред угостителскиот објект му задал повеќе силни удари со раце и нозе.
Од местото на настанот, Димитар М. кој имал сериозни телесни повреди со возило на Службата за итна медицинска помош е пренесен во Општата болница во Охрид, каде по половина час им подлегнал на повредите.
Со цел целосно расчистување на овој случај, СВР Охрид го обезбеди местото на настанот и во содејство и присуство на Јавен обвинител извршен е увид и обезбедени се материјални траги.
По добиени сознанија и усна наредба од судија во претходна постапка, извршен е претрес во седум соби во објектот „Табана“, со цел пронаоѓање на сторителите на кривичното дело. Во една од собите, пронајден е српскиот државјанин за кој постојат основи на сомнение дека е сторител на физичкиот напад врз сега починатиот. Во истата соба, пронајдени и обезбедени се траги од крв и на дел од облеката на осомничениот. Во другите простории пронајдени се вкупно пет други српски државјани кои биле заедно со осомничениот и биле соучесници во нарушувањето на јавнит ред и мир во објектот. Сите лица се приведени во СВР Охрид, а три од нив по дополнителни оперативни мерки, се лишени од слобода.
Во тек се истражни дејствија препознавање што во СВР Охрид се вршат во содејство и координација со јавниот обвинител. Претходно, преземени се мерки за анкетирање на очевидци и вработени во угостителскиот објект. По наредба на јавниот обвинител, денеска беше извршена обдукција врз телото на сега починатиот.