БАДНИКОВА ЛИТИЈА ПО ТРЕТ ПАТ ВО ОХРИД

Околу 250 деца  ќе бидат дел од  утрешната бадникова  литија што по повод големиот христијански празник Божиќ трета година по ред  се одржува во Охрид. Со торбички за дарови, фенерчиња, ѕвончиња и ѕвезди  во рака децата  на симболички начин ќе го навестат  Христовото раѓање.

Поворкатa тргнува  во 10 часот од пред храмот „Св. Георги“ – Горна Влашка мала  и ќе  се движи по улиците „Питу Гули“, „Јане Сандански“ и  продолжува до градскиот плоштад.
Точно напладне непосредно до Бадниковата пештера на Плоштадот, децата  ќе бидат пречекани  од  претставници на локалната самоуправа кои  заедно со група верници ќе им даруваат подароци односно пакетчиња.   Другите дарови ,кошнички со овошје  ќе  бидат давани на деца кои случајно минуваат на плоштадот.

Понатаму поворката ќе помине и низ oхридската чаршија сé до храмот ,,Успение на Пресвета Богородица”-Каменско, каде ќе биде организиран пречек од страна на старешината на храмот и каде на децата ќе им бидат поделени крстиња  за благослов. Нa крај целиот овој свечен настан ќе заврши со заедничка молитва и заеднички бадников ручек.