Делегација на општина Охрид предводена од Претседателот на советот на град Охрид, Гордана Коњановска, престојува во работна посета на градот Визмар, Германија. Во состав на делегацијата се и секретарот на општината , Димитар Спасески и Горан Мицкоски од Секторот за туризам и локален економски развој.
Покрај средбите со претставници на градот Визмар и размената на искуства во врска со функционирањето и поставеноста на градската управа, основна тема на дискусија е разгледување на можностите за туристичка соработка помеѓу градовите Охрид, Струга и Поградец преку реализација на проекти кои ќе овозможат збогатување на туристичката понуда на градовите околу Охридското Езеро секако со силна поддршка на германската влада.
Во рамки на посетата ќе биде остварена средба и со претставници од светски позната компанија која се занимава со изградба, одржување и издавање на туристички населби при што пред нив ќе бидат презентирани можностите за нивно инвестирање во Охрид. Ова е уште една можност за промоција на Охрид како туристичка дестинација пред жителите на Визмар кој исто како и Охрид е град под заштита на УНЕСКО.