ДОДЕЛЕНИ СТИПЕНДИИТЕ ЗА УЧЕНИЦИТЕ И СТУДЕНТИТЕ ОД ОХРИД

Со пригодна свеченост, денес градоначалникот Никола Бакрачески на 85 ученици и студенти од Охрид, кои учестуваа на конкурсот распишан од локалната самоуправа, им ги врачи договорите за стипендии за учебната 2015/16 година. Градоначалникот Бакрачески, во своето обраќање истакна дека локална самоуправа денес го заокружува годинашниот проект за доделување на стипендии на талентираните ученици и студенти, со што се исполнува даденото ветување дека од година во година средствата кои ќе се издвојуваат за оваа намена перманентно ќе растат.

Во однос на минатата учебна година, годинава имаме зголемување и на бројот на стипендистите и на вкупните финансиски средства. Ќе доделиме вкупно 85 стипендии,од  кои 40 за основците од VII, VIII и IXодделение и 35 за учениците од средните училишта. Исто така ќе доделиме и 10 студентски стипендии. Вредноста на ученичките стипендии годинава изнесува 1.012.500 денари, а за студентите се издвоени 162.000 денари, што ја дава вкупната сума од 1.174.500 денари и претствува зголемување од преку 80% во однос на средствата доделени минатата година. Можеби доделените финансиски средства не се високи,но знам дека вистинската вредност е во подадената рака,посебно кога се работи за млади и талентирани наши сограѓани,кои знаат дека, потрагата по знаењето и посветеното работење и учење е всушност најголемата,највистинската и највозвишената вредност. Недвојбено, ние како локална самоуправа и во иднина ќе продолжиме со ваквата практика да ги поддржуваме талентираните ученици и студенти и да ја поттикнуваме нивната желба за знаење и освојување на нови хоризонти, што секако ќе биде од полза и за пошироката заедница –подвлече во своето обраќање Бакрачески.

Во името на учениците и студентите, благодарност кон локалната самоуправа искажа Ана Бојаџиевска, ученичка во СОУ “Св. Климент Охридски“.