„Охрид град на божествената светлост“, „Тајната на охридските бисери“, Најчистата вода во Европа“,„Заборавените вкусови на убавата храна“ се само дел од насловите посветени на Охрид и неговите убавини кои се објавени во мајското издание на магазинот „Elevate“ на авио превозникот „AIR SERBIA“. Списанието е објавено на 132 страни од кои голем дел се посветени на убавините и обележјата на Охрид и Македонија, а тоа е доволна потврда на заложбите на градоначалникот Никола Бакрачески за маркетиншка промоција на Охрид во светски рамки и привлекување странски туристи кај нас ако се земе во предвид фактот дека ова списание го читаат сите патници кои се превезуваат со „АIR SERBIA“ до сите дестинации ширум Светов каде превозникот лета.
Градоначалникот Никола Бакрачески кој имаше неколку работни средби со менаџерскиот тим на „AIR SERBIA“ и се залагаше за воспоставување на линијата Охрид- Белград- Охрид, денес позитивно го оцени објавувањето на содржините посветени за Охрид и Македонија во „Elevate“. .
-Според планот предвиден во преговорите со менаџерскиот тим на авио компанијата „AIR SERBIA“ за воспоставување на авио линијата, Охрид- Белград – Охрид, меѓу другото беше разговарано и за маркетиншката промоција на Охрид и Македонија. Денес на задоволство на двете страни излезе каталог на 132 страни во кој на големо се промовира туристичката понуда на Македонија, а посебно на Охрид. Овој каталог ќе биде дистрибуиран во авионите на „AIR SERBIA“ на сите дестинации на кои тие летаат. Со ова одбележуваме реализација на уште една корисна активност од соработката на „АIR SERBIA“ во однос на привлекување странски туристи во Охрид и Македонија. Уште еднаш благодарност до менаџерскиот тим на компанијата за реализацијата на оваа мошне значајна промотивна активност како дел од нашата заедничка соработка– подвлече Бакрачески.
Директната авио линија од Белград до Охрид и обратно официјално ќе стартува од јуни оваа година. Според договореното линијата ќе се одвива три пати седмично и тоа во понеделник, среда и петок , а ќе сообраќаат турбоелисни авиони „АТР“ со по 66 седишта. На официјалната одлука на „AIR SERBIA“,претходеше средбата на градоначалникот Никола Бакрачески со менаџментот на компанијата и Министерството за транспорт и врски.