Денес во хотелот Метропол започна 5-та Меѓународна конференција за регулирање на услугите за водоснабдување и отпадни води. На конференцијата во организација на Здружението на даватели на комунални услуги на Република Македонија- АДКОМ, учествуваат претставници на јавните комунални претпријатија од земјава, меѓународни експерти, претставници на Министерството за животна средина и фирми кои се во бизнисот со водоснабдувањето и третманот на отпадните води.
Конференцијата за отворена ја прогласи градоначалникот Никола Бакрачески:
– Во време кога во светот има се помалку вода за пиење, а прогнозите велат дека тој тренд ќе расте, расправата за водоснабдувањето, регулацијата и одведувањето на отпадните води е едно од клучните прашања за иднината на човештвото.Ние сме подрачје богато со вода, но тоа не значи дека можеме нерационално да се однесуваме со ова ретко природно богатство. Охридското Езеро е едно од трите најстари природни езера во светот и најголемиот басен со чиста вода за пиење во Европа. Не случајно светската стручна јавност, посебно Охридското Езеро како природна реткост и посебно Охрид како културно богатство, предложила да бидат под заштита на УНЕСКО. Тоа е голема привелегија, но и голема одговорност за нивна заштита. Имајќи ја во вид таквата одговорност, во Охрид пред повеќе од 25 години се изгради колекторскиот систем за одведување на отпадните води и може слободно да речеме почна процесот за целосна заштита на Охридското Езеро.Системот до сега повеќепати со помош на странски донации е доградуван, а во тек се и активности за негова реконструкција и продолжување на опфатот. Целта ни е да се направи целосен колекторски систем кој ќе го штити езерото од македонската и албанската страна. Од друга страна користењето на водата како природен ресурс, подразбира и нејзино рационално и одржливо користење, што е примарна работа на водоводните и комунални препријатија. Верувам дека вие многу посериозно и постручно ќе разговарате на овој реномиран собир , користејќи ги и меѓународните искуствата кои ќе бидат изложени на вашите работни сесии – истакна во своето обраќање градоначалникот Бакрачески.
Од името на организаторот пред присутните се обрати, претседателот на АДКОМ, Игор Спасовски. На конференцијата ќе се работи на пленарни седници, а темите кои ќе се разгледуваат се однесуваат на цената на водните услуги, регулаторот во секторот вода, стратешки менаџмент во јавните комунални претпријатија, градење на капацитети и подршка за развој на секторот води од донаторски и меѓународни финансиски институции.