НАСТАНИТЕ СО СВЕТСКО РЕНОМЕ ВЕТУВААТ ПЛОДНА ТУРИСТИЧКА СЕЗОНА ВО ОХРИД

И покрај политичката криза, Охрид очекува плодна туристичка сезона и продолжување на трендот на  пораст на туристичкиот  промет во однос на изминатите години, онака како што се стартуваше во првото тримесечје  од 2016 година .
Музичките настани со светско реноме кои годинава ги поддржува општина Охрид,  а кои ќе се случаат ова лето се очекува само во еден викенд да донесат над 15 000 нови гости на охридската ривиера.   За вакви настани  како и за состојбите во туризмот се разговараше на осмиот по ред состанок на Локалниот економски совет со кој заседаваше градоначалникот на Охрид,Никола Бакрачески

-Оваа година заеднички со музичката  куќа „Авалон“ од Скопје подготвуваме иницијатива којашто ќе овозможи настап на светски познати музички групи односно имиња што е особено важно за збогатување на туристичката понуда на градот Охрид во текот на оваа летна сезона од една страна   и промоција на градот во светски рамки од друга страна. Под логото „Ohrid calling“ на 14 август на стадионот „Билјанини извори“ ќе настапи  светски познатиот бенд „ Prodigy . На 13 август во рамки на фестивалот „Охридско Лето“  на Античкиот театар ќе настапи музичката атракција Алди Меола. На 12 август можен е настап на позната балканска ѕвезда. За  1 август во Охрид  договорени се настапите на познатите диџеи Лос Фриквенцис и Ники Ромеро.  Имаме навистина богата културна програма која веруваме дека сериозно ќе ја збогати туристичката понуда на Охрид и ќе овозможи прилив на голем број туристи кои најмногу ги очекуваме од околните балкански простори но веќе е најавено и присуство за овие настани од подалечни  европски држави- рече градоначалникот Бакрачески кој очекува продолжување на трендот на пораст на домашните и странски гости во Охрид онака како што ја почнавме годинава и покрај политичката криза во земјава   и емигрантската во Европа .

-Бројот на странски гости во првиот триместар од 2016 година е зголемен за 21 %, споредено со истиот период во минатата година. Ова е податок што не радува и дава надеж дека во вториот триместар  и во останатиот дел од годината овие трендов ќе бидат задржани можеби и подобрени и очекуваме бројот на туристи  и ноќевања во 2016 година   да бидат зголемени споредено со 2015 година– додаде Бакрачески

Директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Лејла Крстевска очекува плодна туристичка сезона во Охрид.

-Тука ќе ги нагласам летовите , конкретно првиот лет кој ќе започне на 15 овој месец со “Ер Србија” до Белград. Потоа веќе следува “Аркефлај” , потоа неколку тур оператори, “Томас Кук” исто така пристигнува за прв пат оваа година во Охрид. Продажбата оди според очекуваното. Се надеваме дека ќе имаме убава туристичка сезона, ќе послужи времето и безбедносната состојба, истакна Крстеска.

Туристичкиот промет  во  Охрид  од година во година бележи пораст. Во 2014 година бројот на  туристи  бил 197 196 кои оствариле 754 048 ноќевања, а во 2015 година Охрид го посетиле 219  944  лица   кои оствариле 818 175  ноќевања. Се смета дека реалната бројка на посетители и ноќевања е значително поголем од  статистичките бројки  ако се земе во предвид фактот дека голем број од гостите  престојуваат и  ноќеваат   во нерегистрирани туристички капацитети.