СО „БЕЛО ЛЕТО“ ОЗНАЧЕН ПОЧЕТОКОТ НА ЛЕТНАТА ТУРИСТИЧКА СЕЗОНА

Со концерт на Владимир Четкар секстет во предворјето на црквата „Св. Софија“ започна годинешното „Бело Лето“. Оваа манифестација веќе трета година по ред на симболичен начин го означува почетокот на летната туристичка сезона во Охрид.


Градоначалникот Никола Бакрачески во своето обраќање пред почетокот на концертот истакна дека ова е само најава за богата културно уметничка програма што градот ќе ја понуди за ова лето.

– Ако по утрото денот се познава, тогаш оваа вечерна комбинација на божествена убавина на западната страна на црквата Света Софија комбинирана со прекрасните звуци на Владимир Четкар секстет го најавува богатото културно уметничко лето кое ќе се случува оваа година во Охрид. Истовремено, тоа ќе понуди еден нов квалитет во туристичката понуда за гостите во градот. Вечерва навистина се чувствува една пријатна атмосфера во градот и можам да кажам дека Охрид живее во духот на културата. Годинава започнавме многу манифестации коишто го одбележаа почетокот на туристичката сезона, изјави Бакрачески.

После завршувањето на концертот, забавата продолжи со дефиле на перкусионистичката група „Каранос“ од Воден, кои ја разиграа охридската чаршија  со звуците на самба – реге, африкански и бразилски ритмови. Завршниот дел од манифестацијата беше резервиран за охридските диџеи „Nikola Tony“ и „Nikola from Ohrid“, кои имаа настап на плоштадот кај „Долна Порта“.

Во рамки на манифестацијата „Бело лето“ се одржа и уличниот фестивал „Баскерфест“.  Три дневниот фестивал, на охриѓани и гостите им нуди разновидна програма од жонглерски, музички, театарски настапи, пантомима и други атрактивни перформанси. Охриѓани и гостите и во наредните два дена ќе имаат можност на трите локации низ охридската чаршија да ги почувствуваат позитивните вибрации кои ги шири фестивалот под отворено небо.

Разновидната и богата културно уметничка програма, синоќа, го претворија Охрид, во туристичка метропола.