Практикувајќи го новиот пристап на афирмација, промовирање и презентирање на Охрид како најпосакувана туристичка дестинација во регионот, и оваа година Општина Охрид учествуваше на најголемата туристичка смотра на Балканот, Белградскиот саем на туризмот кој се одржа од 23 до 26 ти февруари а на кој се претставија преку 1200 излагачи од целиот свет. Се со цел успешна интегрирана туристичка промоција,преку штандот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, општина Охрид ги промовираше природните, културни и историски знаменитости на градот.
Во текот на четирите саемски денови претставниците на општина Охрид преку видео презентација и печатен материјал пред посетителите и претставниците на туристичките организации, туроператори и туристички стопанственици од регионот ги презентираа најновите информации за актуелната туристичка понуда на охридската туристичка дестинација и ги споделија сите потребни информации со потенцијалните гости и партнери.
Секторот за туризам и локален развој и овој пат во рамките на саемските денови, ја реализираше туристичко-промотивната манифестација „Охридска вечер и охридски денови“ како облик на директен туристички маркетинг и приближување на Охрид кон граѓаните и потенцијалните гости. Промотивната вечер и гастрономските охридски денови овој пат се реализираа во партнерска соработка со македонското здружение “Кочо Рацин” од Белград и ресторанот „Венеција“ во Земун. Охрид овој пат Белграѓани и Земунци ги освојуваше преку опојните вкусови и мириси од менијата на охридските куварски мајстори.
Во текот на четирите денови од промотивната кампања во ресторанот „Венеција“ се подготвуваа традиционални охридски специјалитети, а охридското мени наиде на голем интерес кај мештаните, минувачите и гостите.
Според оценката на голем број на претставници, деловни партнери, медиуми, дипломати и колеги кои присуствуваа на промоцијата, ова беше една од најуспешните презентации на туристичката, гастрономската и културна понуда на Охрид во Земун и во Белград. Посебно голем беше интересот кај новинарите и репортерите од различни медиуми за кои што беа направени голем број на снимени материјали, интервјуа и други телевизиски прилози. „Илустрована политика“, НИП “Неделник”, „Радио Београд 202“, РТС преку Жикината Шареница , туристичкото списание „Туристички свет“ ја доловија пријатната атмосфера, импресивните моменти од безвременската убавина на Охрид и коктелот од традиционалната кујна на македонски специјалитети.
Ваквиот промотивен микс се очекува високо да го позиционира Охрид на мапата на најпосакувани туристички дестинации во регионот.