Синоќа градоначалникот Јован Стојаноски со дел од своите соработници, оствари средби со жителите на Горно и Долно Лакочереј. На средбите се разговараше за актуелностите во овие населби и најважните потреби на граѓаните. И за двете села како најсуштествени беа посочени проблемите со водоводната мрежа и изградбата на канализациона мрежа.
Градоначалникот Стојаноски ги информира граѓаните дека во тек се подготовките на проект, со кој ќе биде опфатен поголемиот дел од сливот на Охридското Езеро, со кој ќе биде решен и проблемот со отпадните води. Што се однесува до водоводната мрежа, секретарот на Општина Охрид, Игор Бежоски истакна дека наскоро ќе се менува правната регулатива за функционирањето на месните заедници, што ќе овозможи поефикасно функционирање на истите и во делот со раководење на водоводната мрежа.
Помалите инфраструктурни зафати ќе се решаваат во координација и помош од месните заедници, притоа, користејќи ги и искуствата за добивање грантови од различни фондови.