Заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев синоќа во Центарот за култура “Григор Прличев“ го отвори Фестивалот на музичкото и фолклорно творештво на Египќаните од Р. Македонија „ Sound of Egypt“, што по петти пат се одржува во Охрид.
– Како град на соживотот во кој се негуваат различните култури и вредности,овој фестивал зазема посебно место на културната и фестивалска мапа на Охрид. Почитувани, ова е Ваша ноќ. Вечерва преку музиката и танцот, ќе биде отсликан духот, енергичноста и љубезноста кои се одлика на етничката група на која вие припаѓате . Со желба овој фестивал, да ја доживее “возраста “ на Балканскиот фестивал на народната музика и танци“ или на фестивалот “Охридско лето“ ги поздравам изведувачите, организаторите на ова случување како и претставниците на Здружението на Египќаните од Охрид, истакна Јанев, посочувајќи дека Египќаните се значајни чинители во културниот, политичкиот и економскиот живот во Охрид и битни градители на соживотот и толеранцијата.
Синоќа Здружението на Египќаните од Охрид, во знак на благодарност за поддршката која ја добиваат од Локалната самоуправа додели благодарница за градоначалникот Никола Бакрачески а во негово име ја прими заменик градоначалникот, Ангел Јанев.