Средствата од мерките за помош од „Ковид 19“ кои останаа непотрошени со ребаланс на буџетот ќе бидат дадени на општините, а дел од нив ќе завршат во Охрид и ќе се трошат за спроведување на препораките од УНЕСКО, или поконкретно ќе се наменат за уривање на објектите од плажите кои се дивоградби, а за кои УНЕСКО бара да се урнат и да се ослободи езерскиот брег – информираат за News1.mk владини извори.
Акцијата за уривање на дивоизградените објекти по плажите беше запрена заради пандемијата со „Ковид 19“.
Последните 10 дена двајца западни амбасадори во свои изјави во медиумите повторно го вратија прашањето за функционирањето на правниот систем на државата и посочија дека мора да оживеат институциите на системот.
УНЕСКО во своите препораки бара отстранување на сите дивоизградени објекти кои противправно узурпираат државно земјиште на брегот на Охридско Езеро, а државата се покажува немоќна да го ослободи тоа што е узурпирано и да го стави во свое владение.