Денес екипата на ОХРИД ВЕСТ разговараше со кандидатот за претседател на Факултетското студентско собрание на Филозофски факултет – Скопје. Станува збор за Ариф Калгури, студент од третa година на Институт за Социјална работа и социјална политика.
Ариф Калгури ни раскажа за дел од заложбите на кои тој ќе се посвети да ги реализира, доколку неговите колешки и колеги му ја дадат поддршката на изборите, кои ќе се одржат на 9-ти ноември на Филозофски факултет од 10 до 13 часот.
ОхридВест : Ариф, во кратки црти – кои се темелите на твојата програма, што е тоа што им го нудиш на студентите од Филозофски факултет?
Ариф : Најпрво, ви благодарам на поканата да ја презентирам својата програма пред широкиот аудиториум и секако пред студентите од Филозофски факултет. Приоритет пред се ќе биде подобрување на студентскиот стандард на студентите на нашиот факултет. За таа цел ќе биде формиран тим кој ќе се фокусира на кратењето на непотребните трошоци на студентите на самиот факултет, овде пред сѐ мислам на целосна поддршка на УСС-УКИМ за барањето поднесено до Сенатот на УКИМ за укинување на сумата која ја плаќаат студентите за ИКСА. Ќе доставиме барање до надлежните за покривање односно финансирање на дел од трошоците за партиципација за студентите на кои им е потребна финансиска помош. Ќе се залагаме и за подобрување на онлајн наставата и надминување на пречките при реализирање на истата, како и помош на студентите кои немаат технички услови за следење на онлјан настава (ИТ уред, интернет и слично).
ОхридВест : Како ќе бидат носени одлуките во рамки на ФСС?
Ариф : За мене секој студент е важен и гласот на секој студент е еднакво битен. За секоја поважна одлука ќе се консултираме со сите студенти од нашиот факултет. Лично јас сум против носење на одлуки во тесен круг на избраното раководство. Ќе правиме анкети на кои студентите ќе го дадат своето мислење за даденото прашање. Ќе развиеме демократска атмосфера во рамки на ФСС, на која секој ќе може да го каже своето мислење и секое мислење ќе биде исто вреднувано без разлика дали е во раководството или надвор од него.
ОхридВест : Како ќе биде организирана работата во рамки на ФСС?
Ариф : Ќе составиме комисии за организација на студентски настани, конференции, работилници. Ќе организираме средби со студентите со цел да се запознаат со работата на ФСС. Ќе воспоставиме силна соработка со одделенијата за студентски прашања при Филозофскиот факултет.
ОхридВест : Кои настани би ги организирале во рамки на вашиот факултет?
Ариф : Редовно ќе се организираат студентски средби (во зависност од условите, би биле онлајн или на факултет) на кои тема на дискусија ќе бидат актуелните проблеми со кои се соочуваат студентите. Ќе организираме средби со Деканатската управа и со тоа ќе им овозможиме на студентите да дискутраат со раководството на факултетот. Организација на хуманитарни акции за семејствата погодени од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19. Активно и одговорно ќе дадеме поддршка за изработка на списанието „Внатрешен патник“ кое се изработува од страна на студентите на Филозофски факултет. Ќе организираме посета на институции, невладини организации од сферата на општествените и хуманистичките науки.
ОхридВест : Што ќе преземете за подобра соработка со факултети од други земји?
Ариф : Ќе дадеме поддршка и промоција на настан кој се одржува секоја година на нашиот факултет – „Меѓународната недела“ на кој во текот на таа недела има предавања од еминентни професори од регионот, Европа и светот. Ќе се залагаме за повеќе средби на кои студентите ќе имаат можност да разговараат со одговорните за програмите за студентска размена.
Охрид Вест 05.11.2020г