Во охридската Општа болница има 20 заболени доктори, медицински сестри и болничари и уште толкав број се во изолација.
Директорот Горан Балев вели нема место за паника, направена е прераспределба на персоналот, со што болницата засега добро се справува со напливот на пациенти. Моментално, во болнички услови се лекуваат 90 позитивни на вирусот .„Сите оддели работат, имаме ротација на конкретен персонал, сите се вклучени во справување на оваа ситуација и засега состојбата е стабилна“, вели Балев.
Во Струга, исто така, бројот на заболени здравствени работници е голем, вкупно околу 20 позитивни има во Струшката болница и во Заводот за дијализа. Заболени се и четворица од персоналот во Болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“.
„И покрај високите бројки, засега немаме проблеми со персонал и болнички кревети. Имаме можност за дваесет и пет нови кревети доколку е потребно. Ние сме организирани, тие што не се зависни од кислород примаат терапија дома. Третираме пациенти и во дневната болница, а на одделение се лекуваат само оние кои се зависни од кислородна терапија“, вели Мухамед Асани, директор на Струшката болница.
ПРЕВЗЕМЕНО : https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/nad-60-zdravstveni-rabotnitsi-vo-ohrid-i-struga-pozitivni-na-kovid-19/