ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА КАРДИОЛОГИЈА ВО ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА ЌЕ СЕ ПРЕНАМЕНИ ВО КОВИД ЦЕНТАР

Во Општата болница во Охрид моментно се згрижени 94 пациенти позитивни на коронавирус, од кои 24 се на кислородна поддршка. Поради зголемениот прилив на заразени на кои им е потребен болнички третаман, веќе е направена реорганизација по повеќе болнички одделенија, беше истакнато на денешниот состанок на Кризниот штаб на Општина Охрид.

Според последните информации во врска со константното зголемување на бројот новозаразени, зголемена е потребата од обезбедување дополнителни капацитети за згрижување пациенти.

Како што било истакнато на состанокот, во тек е подготовка на план за искористување на расположливите капацитети, медицински персонал и медицинска опрема од останатите здравствени институции на подрачјето на општината.

-Се презeмаат сите потребни активности од страна на надлежните служби во Општина Охрид за спроведување на сите потребни активности за подготовка на теренот во болничкиот комплекс за поставување на модуларната болница, соопшти Кризниот штаб.

Наредните денови ќе се разгледува можноста за организирање мобилни здравствени тимови што ќе може да пружаат здравствен третман во домашни услови на заболени со полесна клиничка слика. Исто така ќе продолжат редовните активности за дезинфекција на јавните површини во Општина Охрид, одлучено е на состанокот на Кризниот штаб.

Истовремено се упатува апел до сите компании, институции и граѓани максимално да ги почитуваат мерките за превенција и заштита од вирусот да се носат заштитни маски, да се одржува потребна дистанца, да се одржува лична хигиена и да се врши дезинфекција.

Од почетокот на епидемијата во Охрид се регистрирани 1002 случаи со КОВИД-19, со моментно активни 410.