Министерот за надворешни работи Бујар Османи, вели дека Бучковски не е нов преговарач, туку дел од каналите за комуникација со Бугарија, но дека тој одговара пред него и пред премиерот. За оваа прашање никој не преговара сам, преговара владата, вели Османи.
„Ставовите Бучковски треба да ги прилагоди со ставовите на државата во овој момент“, рече Османи.
Премиерот Зоран Заев денеска, како што рече, за да ја смири јавноста, изјави дека за јазик и за идентитет не се преговара.
„Ние си имаме наш јазик, согласно Уставот на С.Македонија, Бугарија си има нивен. Сега работиме да го надминеме билатералниот проблем. Ние сме самостојна нација, која се создавала како што се создавале и другите нации. Нашиот јазикот е исто како и другите јазици од словенско потекло. Имаме дел од заедничка историја што ги поврзува двете држави и двата народи, од каде се создава и македонскиот и бугарскиот јазик, па и српскиот и сите други словенски јазици“, рече Заев.
Ставовите на професорот Бучковски
Бучковски пред да стане специјален претставник на Владата за Бугарија за бугарски медиуми излезе со ставови за македонската нација кои, според реакциите на јавноста во Македонија, се идентични со ставовите на Софија. Бучковски на 30 април годинава во разговор за бугарската ТВ Европа рече дека „неспорно е дека бугарската нација, бугарскиот народ е создаден пред македонскиот“.
„Неспорно е дека тоа е официјален став и на Бугарија и дека нема проблем и официјална Софија со создавањето на македонската нација од 1944“, рече поранешниот премиер, но проблем е пред 44.
Бучковски за истиот медиум пред еден месец (на 29.10.2020), рече дека сега не е погодно време бугарските власти да стават вето на Македонија, оти преговорите и така ќе траат со години, па доколку заедничката Комисија за историски прашања не си ги исполни обврските, Бугарија во иднина ќе има можности да стави вето. Поранешниот премиер вели дека сега треба да се остави Комисијата да работи.
„И во Договорот за добрососедство, компромисот е во тоа што Македонија признава дека имаме заедничка историја, а од друга страна Бугарија прифаќа дека сме два различни народи. За периодот, за кој вие говорите дека имаме заедничка или општа историја главна мора да биде заедничката Комисија која треба да ги преиспита, препрочита невралгичните точки од нашата заедничка историја, да нема дилеми во пошироката јавност, посебно кај нас во Македонија проблемот е што се има чувство дека под заедничка историја се подразбира бугарската историја. Дека треба да се признае дека до 1944 ние сме биле Бугари и тоа реално не поминува. Нема политички решенија кои тоа може да го направат и да биде прифатено, не само од политичарите, туку и од пошироката јавност“, рече Бучковски.