НАБАВЕНИ СОВРЕМЕНИ ТИПИЗИРАНИ КУЌАРКИ ЗА ПРОДАЖБА НА ОТВОРЕНО

Со цел да се обезбедат посовремени услови за улична продажба на јавни локации во централното градско подрачје и да се подобри урбаната слика во градот, Општина Охрид преку ЈП „Градски пазар“ набави 10 типизирани куќарки.

Куќарките имаат автентичен изглед, изработени се од соодветен дрвен материјал и располагаат со сите потребни сегменти за продажба. Куќарките ќе се поставуваат на јавни локации во градот согласно потребите и Програмата за поставување на урбана опрема. Според планираното, во иднина Општина Охрид ќе дозволува продажба на отворено само во вакви куќарки и нема да биде дозволена продажба на отворено на монтажни тезги од секаков вид.

Куќарките ќе бидат поставени за прв пат на градскиот плоштад во Охрид за потребите на Новогодишниот базар. Поради економската криза која ја предизвика светската пандемија и со цел да им се излезе во пресрет на локалните трговци, Општина Охрид донесе одлука во текот на Новогодишниот базар, куќарките да бидат изнајмени промотивно и без закуп. Во текот на наредните денови ќе биде објавен наменски јавен повик за изнајмување на куќарките.