Заврши санацијата на охридскиот Чинар, еден од најстарите културно – историски споменици во земјава, со што ќе се овозможи процес за повторно обновување и враќање на неговата виталност. Проектот се реализира со средства на Општина Охрид, а под стручен надзор на професорот Јане Ацевски, дендролог и раководител на катедрата за дендрологија при Шумарскиот факултет во Скопје.
„Целта на санацијата и ревитализацијата е да се зачува автентичноста и да се види неговата старост. Кога ќе дојдат туристи да видат пред нив дрво старо преку илјада години. Обновата пред се` има за цел да спречи понатамошни процеси на трулење и уништување на дрвото“, вели професорот Ацевски.
Според него со ревитализацијата на стеблото ќе се задржи автентичноста на чинарот од неговото 11-вековно постоење.
„Со вакво старо дрво ретко кој може да се пофали и во Европа и на Балканот. Илјада години не се малку за едно стебло“ , додава Ацевски.
Чинарот со години беше оставено на забот на времето, а поради старост и временски неприлики низ годините претрпи неколку потешки оштетувања.
„Чинарот е во многу лоша состојба. Стеблото се држи само на кората, меѓутоа од друга страна крошната е витална и се надеваме дека со санацијата и ревитализацијата ќе се продолжи животниот век уште многу години и ќе биде украс и симбол на Охрид и понатаму“, велат од Одделението за заштита на животната средина во Општина Охрид.
Оттаму најавуваат и целосно уредување на просторот со што ќе се врати некогашниот автентичен изглед на овој дел од градот.
Охридскиот Чинар е стар 11 векови а според преданијата го засадил Св. Климент, светителот кој е заштитник на Охрид. Минатата година беше прогласен за природна реткост во државава.