Угостителите од Охрид од здружението „Охридски еснаф” сметаат дека мерките за дополнително скратување на работното време на нивните објекти за време на престојните празници само ќе придонесат за уште поголем ризик од појава на нови кластери на коронавирусот.
Михаил Мишев, претседател на здружението со оценка дека ограничувањето на работењето на кафеаните, кафулињата и рестораните до 18 часот ќе ги натера граѓаните да се самоорганизираат по куќи, викендички, закупени станови и на тој начин само да се зголеми ризикот од ширење на коронавирусот.
– Сметаме дека е подобро во овие вонредни услови на епидемија да се има некаква контрола на забавите отколку тоа да се прави без каква било контрола по приватни објекти. Подобро на некој начин да се канализира однесувањето на луѓето за празниците отколку да се остави тоа да се прави на своја рака, до што ќе дојде доколку се спроведат предвидените мерки, истакна Мишев.
Тој рече дека со нивниот и заедничкиот став на осумте здруженија на угостители од земјата е запознаена Комисијата за заразни болести, но оти нивниот овластен претставник денеска воопшто немал можност да ги презентира на седницата на која се разгледувале новите мерки.
Мишев вели дека ќе ги почитуваат сите мерки што ќе ги донесе Владата, но оти дополнителното скратување на работното време ќе доведе до уште поголеми проблеми во угостителскиот сектор кој и онака работи со преполовени капацитети и во околности далеку од вообичаените.
Охрид како наш најголем туристички центар годинава за првпат ќе ја дочека Новата година без организиран пречек на Градскиот плоштад и организирано присуство на туристи кои за новогодишните и божиќните празници ги имало и по десетина илјади, во најголем број од соседните држави. Веројатно ќе има поединечни посети, но со оглед на општата ситуација наметната од епидемијата и забраната за организирани прослави, тоа ќе биде само индивидуално без некаков позначаен импакт врз туристичкиот промет.