„Оваа набавка е во насока на нашата посветеност комплетно да ја опремиме македонската полиција, да обезбедиме максимални услови за работа на службениците. Два пловни објекта со цврсто корито се набавени од сопствени средства од буџетот на МВР со вредност од 8.055.511 денари, а согласно склучениот Договор за донација помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерство за внатрешни работи на Република Чешка набавени се два пловни објекти со цврсто корито и еден гумен патролен чамец со вредност од 8.144.074 денари“, рече Спасовски.
Со модернизацијата на пловниот парк, како што кажа Спасовски, ќе се подобрат условите за работа на езерската полиција, но и ќе се зголеми безбедноста на граѓаните.
Пловните објекти се опремени со професионални уреди за навигација, радар и затворена кабина за екипажот, а патролниот чамец е погоден за брзи интервенции во разни инцидентни ситуации и контроли на водениот сообраќај, особено во летниот период во сите три езера.
„Ова ќе овозможи висока ефикасност на припадниците на граничната полиција во секакви временски услови, како во делот на граничниот надзор и спречување на секаков вид прекуграничен криминал во Охридското и Преспанското езеро, така и во услови кога е потребно да се даде помош и спасување во водите на езерата од најразлични причини“, рече Спасоски.
Спасовски од Охрид најави и нови униформи и опрема за полициските службеници како и реновирање на полициските станици.