ИЗЈАВА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИ ЗА БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА ОХРИД ЗА 2021 ГОДИНА

Пред почетокот на седницата на Советот на општина Охрид, градоначалникот Константин Георгиевски за медиумите даде изјава во врска со буџетот на општина Охрид за 2021 година.

– Почитувани сограѓани. Денес Советот на општина Охрид треба да гласа по предлог буџетот кој ние како општина го предлагаме за 2021 година. Овој буџет е во голема мера посветен на урбанизмот и уредувањето на градежното земјиште, локалниот економски развој и развојот на туризмот, образованието и животната средина. Вкупните приходи во предлог-  буџетот се проектирани на износ од нешто повеќе од  1.2 милијарди денари, додека приходите само на основниот буџет се проектирани на 685 милиони денари.

Буџетот планира рекордни 98.7 милиони денари за реконструкцијата на улиците и патиштата во општината. Улиците „Јане Сандански“, „7-ми Ноември“, „ Будва“, „ Прилепска“, „ Славеј Планина“ и други ќе добијат нов лик, а ќе им се придружат и кејот „ Македонија“ и улицата „Македонски просветители„  за чија реконструкција средствата се веќе обезбедени од владата на РСМ  и Светска банка. Планирано е продолжување на уредување  на речни корита, на велосипедска инфраструктура како и изградба на нови  и обновување на веќепостоечки детски игралиште во општината.

Дел од средствата во буџетот се планирани за локален економски разој и развој на туризам преку субвенции на неколку категории како што се занаетчиите, општинските линиски превози и различни туристички дејности.

Имаме рекордно висок износ обезбеден за стипендии на ученици и студенти во износ од 6.3 милиони денари, а се продолжува со инвестирање во реконстукција на основните и средни училишта низ општината.

Во делот на социјалната заштита сакам да напоменам дека  Општина Охрид комплетно го презема финансирањето на дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост  „Зраци“ односно обезбедува средства за континуирано извршување на секојденвните активности на овај центар.

За жал, и овој пат, опозициската ВМРО ДПМНЕ преку нејзината советничка група не најде начин да биде конструктивен партнер кој работи во интерес на граѓаните. Тие не учествуваа во составувањето на буџетот за 2021, но решија на самата седница да го попречуваат донесувањето на буџетот со небулозни амандмани – рече градоначалникот Константин Георгиески.