УНЕСКО на 200 страни со забелешки за Охрид – еве кои се !

Целосна забрана за градба, отстранување на објектите кое сега функционираат како плажи и ослободување на брегот, уривање на сите дивоградби, па дури и забрана за поставување на нови и отстранување на постојните сончеви колектори на крововите од куќите во Стар Град се само мал дел од она што стои т.н. драфт верзија на извештајот направен од реактивната мисија на УНЕСКО за Охрид, а до кој дојде „News1.mk“.

Македонската страна има рок до 15 јануари да испрати одговор со забелешки на содржината на извештајот кој според она што е напишано веројатно ќе ги внесе градовите Охрид и Струга во подолгогодишна акција во која ќе мора да се направат болни и тешки активности со кои ќе се расчистува со насобраните проблеми низ децениите наназад.

ШТО СЕ ИМА ВО ИЗВЕШТАЈОТ ? !

ОД ДИВОГРАДБИ И УЗУРПАЦИЈА НА ЦЕЛИОТ БРЕГ, ДО ТЕНДИТЕ ОКОЛУ ЦРКВАТА СВЕТА СОФИЈА

Плажи узурпирани со угоститески објекти, дивоизградени куќи или други објекти на целиот брег од заштитеното езеро, голем дел од нив без канализација и на септички јами, села неприклучени на колекторскиот систем, дивоградби во Охрид, барање да се ограничи издавањето на дозволи за градба согласно планот за управување, па дури и отстранување и забрана на поставување на нови сончеви колектори на крововите од куќите во Стар Град ( бидејќи некој тврдел дека со тоа се нарушува визурата на Охрид ).

Во извештајот стои и дека во Стар Град неможе да се поставуваат тенди, натстрешници и останати реквизити со кои се нарушуваат визурите околу знаменитите објекти од културно историското налседство, а во него се посочуваат тендите на летните тераси околу црквата Света Софија.

СЕ БАРА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПАТЕКАТА КАЈ СТУДЕНЧИШТА

Во извештајот на УНЕСКО стои дека пешачко рекреативната патека која го поврзува каналот „Студенчишта“ со „Горица 1“ ги прекинала природните врски меѓу езерото и блатото и треба да се реконструира и да се постават „водени врски“ меѓу езерото и „Студенчишко Блато“ заради заштита на живиот свет.

Интересно е да се напомене дека оваа патека е реконструирана и на тоа место и претходно имаше асфалтиран пат кој ги поврзуваше овие две дестинации, но овој пат не се нашол во извештајот на УНЕСКО при реактивната мисија од 2004 година.

Забелешки се изнесени и на пешачката патека покрај самиот канал „Студенчишта“ која води до „Билјанини Извори“ , а за која УНЕСКО во извештајот оценил дека го нарушила животниот простор на живиот свет во каналот.

ЗАБАЛЕШКИ ЗА ПРОЕКТОТ НА СУБРАТА РОЈ ВО ЉУБАНИШТА – ПРОЕКТ КОЈ БЕШЕ САМО КОМПЈУТЕРСКА АНИМАЦИЈА НА ПРОПАГАНДАТА НА ТОГАШНОТО ВМРО ДПМНЕ

Чудно е тоа што во извештајот УНЕСКО изнесува забелешки и на проектот за градба на хотели во Љубаништа , или во јавноста попознат како проект за хотел и коцкарници на Субрата Рој.

Овој проект никогаш не доби институционална форма и остана на ниво на фотошоп прикази кои пропагандата на тогашната влада на Никола Груевски ги користеше пред јавноста.

Како ова „пропагандно дело“ добило стигнало да се третира како проект заради кој се изменувал план кога никогаш не е почната институционална процедура за тоа не е јасно.

УНЕСКО ИМА ЗАБЕЛЕШКИ НА ОБИКОЛНИЦАТА НА ОХРИД

Во извештајот се бараат повеќе информации и се изнесуваат забелешки и за некоја „обиколница околу Охрид“ која била проектирана од Косел до селото Мешеишта.

За ваква обиколница до сега немало никаква информација во јавноста, а ни една Влада до сега не објавила ни пропагандни анимации или лажни вести дека се црта, планира, проектира или дека некој помислил на ваква обиколница на Охрид, па јавноста веројатно за оваа обиколница прв пат ќе се информира од извештајот на УНЕСКО.

КОЈ СЕ ДАВАЛ ИНФОРМАЦИИ НА МИСИЈАТА НА УНЕСКО ?

Покрај со официјални лица кои ги претставуваат институциите, претставниците на реактивната мисија на УНЕСКО се сретнуваа и со претставници на т.н. невладин сектор, па дури и со претставници на непостоечката невладина организација „Охрид ЅОЅ“ која всушност е ФБ страна која со години е активна во јавноста, а неретко шири и лажни вести.

Оваа ФБ иницијатива ( зад која нема официјално лице кое стои со име и презиме ) често реагира и на работи кои непостојат, а во периодот од 2015 до 2017 година беше факторизирана и силно поддржувана од политичари од СДСМ како и јавни личности и медиуми кои се блиски до оваа партија.