Во чест на Богојавленските празници, Историскиот архив на град Охрид и Лајонс клубот Лихнидос направија дигитална верзија на интересен архивски материјал, наречен Рибарски алманах. Станува збор за регистар на лиценцирани рибари во Охридското езеро, од периодот 1934 – 1941 година, единствен од таков вид во нашата земја. На тој начин, оваа ретка колекција на имиња и фотографии станува достапна за пошироката јавност.Овој чин претставува своевиден поклон за охриѓани за Денот на рибарите, со целокупна поддршка од директорот на Државниот Архив, Д-р Емил Крстески.В.Д. раководителот на Историски архив – Охрид, Доцент Д-р Никола Митровиќ Бабе, вели дека со првата дигитална верзија на алманахот се претставени 150 рибари (од вкупно 480, кои биле регистрирани во тој период и ги има во оригиналниот документ).”Многумина наши сограѓани ќе можат да си ги видат своите претци, па дури и да си ги најдат корените на сопствените имиња. Нема сомнение, традицијата во Охрид, Струга и околните рибарски села е силно изразена преку пренесување на истите имиња ‘од колено на колено’. – појасни Д-р Митровиќ.”Ми претставува особено задоволство што нашата соработка со Архивот на град Охрид продолжува, токму со реализација на ваква несекојдневна и оригинална идеја.” – изјави Проф. Д-р Зоран Тунтев, иницијатор на акцијата. “Kористам прилика да се заблагодарам на Г-дин Ардијан Бајрамовски, со чија помош видео материјалот ќе се емитува на големиот билборд на градскиот плоштад (во ударни термини на 19 и 20 Јануари). Исто така, и’ благодарам на екипата од Културолошката иницијатива ‘5 до 12’ за несебичното залагање, како и на членовите на ансамблот ‘Билјана’, за нивната музичка поддршка на видео материјалот. Ова не е наша прва заедничка иницијатива, а сигурен сум дека нема да биде ни последна.” – потенцираше Професорот Тунтев.