ОБНОВЕНО : Директорот на здравствен дом Охрид е во бегство , благајничката и еден вработен во медицинската установа сe во притвор .
Директорот на здравствен дом Охрид е во бегство, а благајничката и еден вработен во медицинската установа завршија во притвор. Тројцата од 2010 до 2014 година успеале да украдат 7, 5 милиони денари.
Финансиската полиција го откри криминалот и ги товари за „Проневера во службата“, „Поттикнување“, „Помагање“ и „Фалсификување или уништување на деловни книги“.
Осомничените четири години подигале готови средства уплатени на име на партиципација од страна на пациентите, со што , го оштетиле Буџетот на ЈЗУ Здравствен дом Охрид за околу 125 000 евра. Добро организирани партиципацијата на пациентите наместо во касата на здравствен дом си ја ставале во џеб.
Во проневерата на директорот му помагала шефицата на сметководство, која му била човек од доверба и уште еден вработен на висока позиција во здравствената установа. Вработениот секој ден по пребројување на дневниот промет, телефонски го известувал директорот за износот, по што добивал задача колкав дел од прометот да го уплати на банкарската сметка на Здравствениот Дом, а остатокот без никаков писмен документ му го давал лично на рака на директорот, кој парите од пациентите си ги користел за задоволување на своите лични потреби.
За да ги прикрие трагите на криминалот благајничката само дел од финансиската документација ја евидентирала во сметководствената евиденција на здравствениот дом, но и изготвувала фалсификувани завршни сметки.
Основниот суд Охрид на трите пријавени лица им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Двајца од пријавените се веќе уапсени од страна на Финансиската полиција додека по директорот кој е во бегство, распишана е потерница и по истиот интензивно се трага.