ФИЛИПЧЕ : Спроведувањето на пописот во време на пандемија е голем предизвик, но процесот може да се спроведе и заврши по сите здравствени протоколи

Спроведувањето на пописот во време на пандемија е голем предизвик, но процесот може да се спроведе и заврши по сите здравствени протоколи, рече министерот за здравство д-р Венко Филипче на онлајн конференцијата во организација на „Рома Интеграцион Центрум“.

Филипче посочи дека министерството за здравство и Комисијата за заразни болести како и за време на одржувањето на изборите, така и сега за спроведување на пописот ќе бидат на располагање за едукација и донесување на протоколи за спорведување на една ваква комплексна операција.

-Се ова ни дава и право да кажеме и можеме да ве увериме дека процесот со пописот може да се изведе и да се заврши по сите здравствени протоколи. Консензус на ниво на Светската здравствена организација е дека ниту еден процес и постапка не треба да запре, туку треба да се спроведува со протоколи кои се универзално прифатени во сите земји. Во таа смисла сме на располагање и во делот на експертизата, и комуникациски да го поддржиме процесот кој што е пред нас и е од клучно значање за државата – рече Филипче.