Селекторот Данило Брестовац денешниот ден за одмор го искористи за анализа околу тоа што се случува во македонската репрезентација и објасни каков е квалитетот со кој моментно располагаме на национално ниво.
„Постојано слушам критики ама никој не сака да си погледне во очи, ние немаме играчи. Точно е дека загубивме со 10 разлика, но мислите дека мене ми е убаво да го гледам тоа? Сепак, подобро е да загубиме со 10 разлика и сите да видат каде се и да напредуваат, отколку да загубиме со 3-4 разлика, а да го држиме Лазаров да игра 60 минути и да се потпираме на постарите играчи. Така само ќе се залажуваме и ќе го одложуваме моментот кој неминовно треба да се случи. Без Столе, Лазаров, Пешевски и Митревски ќе биде уште потешко. Ова ќе боли една-две години. Немаме 20 бека, мора да создадеме играчи“, објаснува Брестовец.
Селекторот повторно потенцираше дека најголем проблем за поголем дел од репрезентативците е тоа што немаат добра минутажа во своите клубови и не играат доволно.
„Погледнете каде играат ракометарите на Словенија, а каде нашите. Знаете ли каква е минутажата што ја добиваат нашите играчи во своите клубови? Слушам и критики како не е земен овој или оној играч. Дури и за играчи кои не се ни во првиот тим на својот клуб. Не им се добри за првиот тим во клубовите, а сакаат да бидат добри за во репрезентација? Потоа федерацијата била виновна, бил виновен селекторот…Дури и оние екипи кои играат плеј-аут, ангажираат странци, но нашите ракометари не добиваат доволно шанса. Мора да се грижиме повеќе за играчите кои играат во домашното првенство“, додава Брестовац, кој го посочи примерот на шампионот Вардар кој го ангажираше Ѓукиќ на позиција каде што играат нашите Георгиевски и Јагуриновски.