Учениците од стручните угостителски смерови во ОУТУ „Ванчо Питошески“ во иднина ќе имаат посовремени услови за следење на практичниот дел од наставата благодарение на новиот современ кабинет кој беше опремен неодамна.
Кабинетот располага со стандардна угостителска опрема, нагледни средства, наставни помагала и компјутерска опрема кои значително ќе придонесат за поефикасна обука и подобрување на квалитетот на ученичката пракса.
Опремувањето на оваа училишна просторија беше овозможено во рамки на проектот за Локална и регионална конкурентност кој е финансиран од фондовите на Европската Унија. Вредноста на целокупната инвестиција изнесуваше 1.230.000 денари од кои 350.000 денари беа обезбедени од буџетот на Општина Охрид како средства за кофинансирање.
Исто така, како дел од проектот за Локална и регионална конкурентност, во ОУТУ „Ванчо Питошески“ во текот на изминатиот период беше изведена комплетна реконструкција на санитарните јазли во училиштето.