Градоначалникот Константин Георгиески денеска оствари средба со амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, кој беше во прва официјална посета на Општина Охрид.
Една од главните теми на состанокот беа актуелните заложби на локалната и централната власт во насока на исполнување на препораките од УНЕСКО и зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Градоначалникот Георгиески го запозна ЕУ амбасадорот Гир со сите досегашни активности кои беа преземени во врска со ова прашање како и за плановите кои ќе бидат реализирани во иднина.
– Покрај актуелните прашања поврзани со статусот на Охрид во УНЕСКО, најновиот нацрт извештај и имплементацијата на препораките, разговаравме и за останатите состојби во општината, процесот на раздолжување и проектите кои што ги имаме во делот на ревитализација на колекторскиот систем. Исто така, беше разговарано и за можностите за помош и поддршка од програмите и фондовите на ЕУ, изјави градоначалникот Георгиески.
Тој упати јавна благодарност до амбасадорот Гир за целокупната поддршка и изрази надеж за идна успешна соработка.
Амбасадорот Гир истакна дека Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија продолжува да го поддржува процесот за исполнување на препораките на УНЕСКО и сите активности кои се преземаат за заштита на светскотото наследство на Охридскиот регион и зачувување на Охридското Езеро, како непроценливо природно богатство.
– Природното и културното наследство имаат универазална вредност за сите нас, како поединци, како заедница, како општество. Токму тоа наследство треба да се сочува со цел да биде достапно за идните генерации. Ние го разбираме огромниот јавен интерес за заштита на регионот на Охридското Езеро како локација која е светско наследство. Токму поради таа причина ние како Европска Унија ја поддржуваме вклученоста на самата заедница во решавањето на ова прашање, изјави амбасадорот Гир.
Тој потенцираше дека мисијата за зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот регион треба да биде национален зафат со силна поддршка од сите политички сили и активност која што ќе ги обедини сите чинители во општеството, преку заедничко партнерство помеѓу властите, граѓанското општество, локалните заедници и бизнис секторот.