Директорот на струшката болница Мухамед Асани денеска е повикан на разговор во Владата, но не за да добие отказ, туку да реферира – откако Државниот санитарен инспекторат откри гинеколошка ординација во неговиот дом во Струга која работела на диво. Поднесе пријава до Обвинителството. Но, и по десетина денови од скандалот, вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски не кажува дали Асани ќе биде разрешен од функцијата директор на струшката болница. Вели ќе го почекаат извештајот од стручниот надзор.
Стручниот надзор не е готов. Го прави Лекарската комора каде член е и гинекологот Асани, но тој не е член на комисијата која одлучува за него. Надзорот е за предметот кој го открија медиумите, за обвинувањата на родилка од Дебар дека после породување со царски рез во струшката болница, останала без матка,бубрег и јајник поради лекарска грешка.