Синоќа во Охрид, на 89 годишна возраст почина проф. д-р Стојан Ристески, еминетен научен деец, литературен критичар, хроничар, фолклорист, етнограф, ерудит…
Д-р Стојан Ристески е роден е на 2 ноември 1932 година во с. Лешани, Охридско. Со основно образование се стекнувал во Лешани, Белчишта и Охрид. Во Битола завршил учителска школа, а во Скопје завршил Виша педагошка школа и Философски факултет (група Историја на книжевностите на народите на Југославија). На 30 јуни 1975 година докторирал на Философскиот факултет во Нови Сад со тезата “Книжевното дело и живот на Радослав К. Петкоски“.[1]
Д-р Стојан Ристески работел во основните училишта во селата Оровник, Злести и Требеништа, како и во учителската школа и во Гимназијата во Охрид(1960 – 1978); бил самостоен педагошки советник за македонски јазик (1978 – 1983). Од 1983 до пензионирањето во 1993 година бил професор по македонски јазик на универзитетите во Приштина и Ниш, а на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид предавал Културно наследство и Култура на однесувањето.
Едни од неговите најпознати дела се „Судени за Македонија“ (во два тома), „Моите кодоши“ истражувањата за Св. Наум Охридски, многу монографии за населените места од Охридско-Преспанскиот регион итн. Тој е првиот научник што објави научно-етнографски труд за заедницата на Египќаните под наслов „Народни приказни, преданија и обичаи кај Египќаните/Еѓупците во Македонија“ во сега далечната 1991 година.
Нека ти е вечна слава професоре Стојан Ристески!