РЕКОНСТРУКЦИЈА И НОВА ОПРЕМА ЗА БОЛНИЦАТА „СВЕТИ ЕРАЗМО“

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денес најави дека Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид ќе прерасне во современ центар за физикална терапија.

– Во моментот овој центар не функционира со полн капацитет односно не функционира базенот и делот за хидротерапијата поради високите трошоци за загревање на базенот. Бидејќи хидротерапијата е многу значаен дел од физикалната терапија за комплетна рехабилитација на пациентите, со проектот се предвидува реконструкција на постоечкиот базен за физикална терапија, со градежни зафати за енергетска ефикасност, вградување на инфраструктура за загревање на базенот со обновливи извори на енергија, опремување на центар за физикална терапија со сите потребни помагала за пациентите и обезбедена одржливост на проектот со соодветно и правилно одржување на реконструираниот објект, рече Милевски, потсетувајќи дека станува збор за единствената болница во Југозападниот плански регион од таа област, но и единствена здравствена установа специјализирана за ортопедија и трауматологија во целата држава.

За директорот на болницата Ацо Велески, проектот е од големо значење, реконструкцијата на базенот била неопходна, за сите пациенти пред се постоперативните случаи односно нивна рехабилитација.

– Капацитетот на „Св. Еразмо“ е 150 кревети, но редуцирани сме заради пандемијата. Со планираните промени ќе се намали времето за престој во болницата и времето за рехабилитација на пациентите, ќе придонесе за намалување на деформитетите на децата во раст кои ќе користат физикална терапија со што ќе се подобри квалитетот на животот во заедницата за сите граѓани во регионот вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби, стари и изнемоштени лица, деца во раст и развој, вели Велески.