На 02 февруари се навршуваат 38 години од смртта на Д-р Хелена Етингер Каваева, личност која оставила длабоки траги во колективната меморија на Охриѓани. По тој повод, членовите на Лајонс клубот Лихнидос испратија барање до градските власти во Охрид, една улица, или здравствен дом во градот, да го понесат нејзиното име.Барањето содржи предлог оваа идеја да биде реализирана до датумот на нејзиното раѓање (Хелена Етингер е родена на 16 март 1893 година во Честнохова, Полска), со поставување на пригодна спомен – плоча на влезот од зградата “Маларична”.Д-р Каваева, заедно со сопругот, Д-р Владимир Кавај, се основоположници на Македонскиот здравствен систем. Нејзиното име во Охрид сеуште е метафора за чистота и лична хигиена. Целиот нејзин живот е поврзан со силна посветеност кон медицината, со многу спасени животи, со многу излечени деца во првиот детски диспанзер, но и со искоренување на маларијата во Охрид, Струга, низ цела Македонија, но и во Албанија.