Интервју со 19 годишниот Мартин Ивановски кој настапува за Р.К Охрид.

Веб-порталот на ОХРИД ВЕСТ направи интервју со еден од надежите на Р.К Охрид и на Ракометната Селекција на Македонија.

19 годишниот Мартин Ивановски – кој игра на позиција Среден Бек со екслузивно интервју за ОХРИД ВЕСТ ни раскажува за неговите почетоци и како се движи неговиот тек на кариера .

Мартин Ивановски

1.На колку години почна да тренираш ракомет?

Ивановски : Ракомет започнав да тренирам на 11 годишна возраст.

2.Од каде потекнува љубовта кон Ракометот?

Нема некоја посебна причина за љубов кон ракометот со оглед на тоа што пред ракометот ги пробав скоро сите спортови во Охрид како фудбал, кошарка, карате, пливање и слично, но на никој од нив не се задржав бидејќи брзо ми здосадуваа. Тогаш имаше европско првенство во ракомет и на телевизија ја гледав македонската репрезентација, инспириран од поранешниот репрезентативец Наумче Мојсоски е запишав на ракомет и од тука се роди љубовта кон ракометот која трае до ден денес.

3.Да не би биле ракометар што би биле?

Сигурно не би сакал да имам канцелариска работа и да работам 8 часа во ден пред компјутер така да најверојатно би бил фудбалер или можеби фитнес инструктор или кондиционен тренер.

4.Ракометот кај нас е спорт бр 1 и навистина во јавноста е голем интересот за негово следење , но каков е интересот меѓу младите за тренирање?

Благодарение на нашиот претставник во лигата на шампионите, Вардар кој беше исто така двократен европски шампион, за Македонија се слушна сегде низ Европа па и пошироко. Ова даде голем придонес за македонскиот ракомет и општо интересот за овој спорт во земјата драстично се зголеми. Според мене интересот за овој спорт кај младите станува се поголем и поголем и се надевам дека така ке остане и во иднина.

5.Што е она што како совет би им го дале на сите кои имаат предиспозиции  за овај спорт и сакаат да се бават со него?

Најбитно од се, според мене е да се има цел во животот и да се водиме по неа. Ако немаме цел во животот нема да знаеме по која патека да одиме. Покрај тоа на сите спортисти би им препорачал да тренираат напорно за да ги остварат своите соништа и да не се откажуваат. Ова е долг процес кој трае со години и мора секојдневно да се вложува во себе.Исто така покрај тренинзите со клубот мора да се прават и индивидуални тренинзи. 

6.Кој е вашиот идол?

Во ракометниот свет тоа без сомнеж е Сандер Сагосен. Но како спортист најмногу го ценам Кристиано Роналдо. Сите знаеме за неговата опседнатост и посветеност кон фудбалот и спортскиот начин на живот. Тој ми претставува инспирација се повеќе да тренирам и да вложувам во себе. Неговото секојдневно тренирање и макотрпна работа го донесе на ова ниво каде што е сега. Тој е пример за сите спортисти како треба да се водат и да работат за еден ден да се оствари нивната цел.

7.Кој ти е омилен клуб без разлика дали е од странство или од Македонија?

Во Македонија нормано дека омилен клуб ми е Охрид, а ако би морал да издовојам некој странски тим ке го одберам Пари-Сент Жермен.

8.Покрај ракометот кој друг спорт најмногу го сакаш?

Освен ракометот како што кажав и претходно во некои наврати фудбалот исто така многу го сакам.

9.Во РК ОХРИД, со кој играч најдобро соработуваш?

Па ево веќе осма година каде што сме заедно во и надвор од теренот со моите врсници Николче Ристески, Наум Костов и Кристијан Димитриески. Заедно пораснавме на ракометните терени со овие момци и нив би ги издвоил како најдобри соработници до сега. Но сепак морам да напоменам дека со сите останати играчи во клубот соработката е на највисоко ниво. Тоа е силата на нашиот тим, од таму доаѓаат и нашите резултати со тимска игра која што доаѓа најпрвин од соблекувалната.

10.Дали очекуваше повик  за сениорската репрезентација ?

Можеби не очекував повик вака рано , но не можам да кажам и дека не очекував. Секој ден напорно работев за еден ден моето име да биде покрај сите овие репрезентативци.

Мартин Иваноски