Се викаат Мајовци и доаѓаат од Дебар – шест дена ковале , а седмиот свиреле!

Режисерот Мето Петровски во 1972 година има снимено и еден документарен филм во продкуција на “Bардар филм” под наслов ” Tапанџии” посветен на мајовците , во кој неколку пати се повторува реченицата ” Се викаат Мајовци и доаѓаат од Дебар – шест дена ковале , а седмиот свиреле “.

Според хроничарот на мијачкиот крај, Блажо Смилевски, и во првата играорна група од Македонија, која била формирана по иницијатива на познатите српски етномузиколози сестрите Даница и Љубица Јанковиќ, зимата 1938 година, како оркестар биле познатите Мајовци, на зурли- Мајо и Ишлам, а на тапан- Исак. Прв нивни концерт бил во јануари 1939 година во Народниот театар во Скопје, потоа на 6 јануари настапувале со спектакуларен концерт во Белград на Коларчевиот универзитет, а подоцна во февруари и март 1939 настапувале и во Загреб, Љубљана и Сараево.

Според приликата на свирењето, односно дали свират на свадба, собир, слава или сунет, зависи и однесувањето на свирачите, односно  обичаите што се поврзани со свирачите. Овде треба да се потенцира дека за време на муслиманскиот месец на постот Рамазан, тапанарите секој ден го означуваат “ифтарот”, односно дека започнува времето дозволено за јадење. За ова нивно “соопштување” на крајот на месецот на постот,  тие добиваат и парична награда од луѓето.

Свадбените обичаи што се поврзани со зурлаџиско-тапанџиските тајфи, се разликуваат во зависност од пределот, етничката припадност и религијата. На тој начин, Мајовците ги познаваат сите традиции и ора на сите заедници што живеат во дебарско-мијачкиот крај. Тие се повикуваат на свадби и веселби од сите заедници и им ја негуваат посебната разноликост на сите етникуми. Поради тоа, може да се каже дека Мајовци се и вистински медијатори на мулти-етничкиот и мултикулутрниот живот, како и на интеркултурниот дијалог во Дебарско-Мијачката област (Stojkova- Serafimova V. 2007:4).

Традиционалната Галичката свадба, но и современата манифестација „Галичка Свадба“ што повеќе од 40 години се одржува во село Галичник на Петровден, не може да се замисли ако на неа не свират Мајовците.

Споменатиот Петрит Исаковски, генетскиот потомок на Мајо Исаковски не само што денес  е познат зурлаџија, но и еден од најдобрите изработувачи на дебарската зурла. Тој во својот дом има работилница во која со задоволство изработува зурли. „Дебарската зурла се изработува од дрво – дива цреша. Дрвото треба да отседне повеќе од една година, а потоа тоа дрво се буши и се бара соодветниот звук. Следи дупчење на дупките и изработката на славецот кој се изработува од зеленика  и шимшир. Потоа се прави писката. Дебарската зурла се разликува од другите зурли по тонот кој се добива, но и од должината на инструментот. Оваа зурла е долга 52 сантиметри, додека другите се многу пократки .

Петрит Исаковски е познат зурлаџија, но и еден од најдобрите изработувачи на дебарската зурла.

Изработувач на тапани во Дебарскиот крај е Мемет Бајрами- Курка, кој што сега е на 73 години возраст, а го наследува неговиот син Роберт. Каснакот од тапанот се изработува од костен или, пак, од ореово дрво. Карактеристично е тоа што дрвото, по направениот избор, се поставува во ѓубре од лисја и таму стои до два месеца. Потоа започува процесот на виење на каснакот, за да добие еластицитет и боја. Следи изработката на обрачот, кој се прави од дрво леска. Кожата на тапанот е од коза или,   од младо теле. Пречникот на дебарскиот тапан е 62 сантиметри.

Египќанското Семејство Мајовци е поврзано со создавањето на познатото Оро
„Тешкото“

Инаку според легендите што се кажуваат во Дебарско-Мијачкиот крај, создавањето на познатото оро „Тешкото“ е поврзано со семејството  Мајовци, во средината на 19.век, со почетокот на печалбарството и тешката раздбелба на печалбарите со семејствата. Разделбите биле најтешки, мачни. Биле испраќани од блиските до чешмата-Еѓупска ледина, каде и се играло Тешкото, за збогување.

Информаторот Петрит –Тити Исаковски тврди дека покрај „Тешкото“, Мајовци се автори (креатори) и на следните музички дела: Чамче, Малесора (Бајраче), Џангурица, Пиперот (Скудринско оро), Македонска патрона, Манукот (Зетовско оро), Свекрвино оро и Рамно Лазарско оро (Рамно Мијачко оро).

„Колку и да има групи кои денес во Македонија се претставуваат како наследници на легендарните Мајовци – тоа сме ние, приковани за ова парче земја, без желба сето ова максимално да го комерцијализираме. Иако имаме издадено ЦД во продукција на МРТ со 24 песни и ора, иако сме одржале многу концерти во и надвор од Македонија, најдраги ни се настапите во Лазарополе, Гари, Росоки, секаде каде нй викаат и каде, како што велат, не може да се замисли ниедна народна веселба и празнување без да екнат зурлата и тапанот“, вели Петрит -Тити Исаковски!

Името „Мајовци“ прерасна во „бренд“ на квалитетната македонската зурлаџиско-тапанџиска музика, кое што го употребуваат било која тајфа за комерцијални, кариеристички и други цели.

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски во посета на МАЈОВЦИ

Сепак, семејството Мајовци кои претставуваат синоним на интеркултурни медијатори во македонското „поделено општество“, заслужуваат да им се обезбеди поголема заштита од страна на повиканите институции за заштита на духовното и музичкото наследство, бидејќи тие претставуваат нераскинлив дел на традицијата и културните вредности на Дебраско-Мијачката етнографската целина и на Македонија.